Модната недела во Копенхаген заврши изминатиов викенд, а учесниците ги презентираа трендовите за сезона пролет-лето 2017.

Генералниот впечаток е дека скандинавските дизајнери знаат да направат дури и креација со многу светки и везеници да изгледа минималистички.

Да, минимализмот е во центарот на трендовите, заедно со волуменозните силуети. Ако американските дизајнери ја обожуваат тесната и провокативна силуета, Скандинавците уживаат во комоцијата и практичноста. Но, тоа не значи дека не се модерни. Напротив.

Широките кошули-фустани се нешто што несомнено би сакале да го носиме. Ни се допаѓаат и широките миди-здолништа, како и слоевитоста.

Данците и на уличната мода покажаа дека се големи почитувачи на трендот на слоевитото облекување, а тоа беше забележано и на пистата.

Ниту принтовите не беа исклучени. Пижама-оделата исто така, а ретро нотата што проткајуваше во дел од колекциите нѐ потсети и на најновите трендови што ги постави „Гучи“.

Кај Скандинавците следното лето ќе биде популарно носењето фустани или долги туники врз панталони.

Исто така, не може да не се забележи дека дел од дизајнерите обрнуваат посебно внимание на модните додатоци, како накит и чевли. Масивниот, необичен накит ќе биде хит, како и необичните обувки.

Кога ќе се земе сѐ предвид, модната недела во Копенхаген воопшто не заостанува зад останатите според идеите и реализацијата, иако веројатно многумина би го помислиле тоа. Тоа што Скандинавците ги „бие“ глас дека не се големи љубители на модата, не значи дека навистина е така.

Впрочем, доказ за тоа е и уличната мода што ја презентиравме неодамна, а што можете да ја погледнете на линкот тука.

Објавено:
15 август 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.092 пати