Највпечатливите колекции од модниот викенд во Милано

29 февруари 2016

Покрај Долче и Габана кои секогаш оставаат силен печат на модната недела во Милано, викендов беше полн со возбуда. А возбудата е оправдана со оглед на тоа дека своите колекции за есен-зима 2016 ги промовираа дел од најпознатите модни брендови и дизајнери. Меѓу нив ги издвојуваме: Версаче, Ботега Венета и Марни.

Версаче – Колекција за урбани и модерни жени
Донатела Версаче направи одличен кастинг за новата есен-зима колекција за чие шоу беа ангажирани најактуелните манекенки на денешницата: ревијата ја отвори Џиџи Хадид, а по неа следуваа Ирина Шајк, Кендал Џенер, Карли Клос, Адриана Лима...
Но, вака звучните имиња не ја оставија колекцијата во втор план, туку напротив – Донатела имаше што да покаже. Акцентот е ставен на уличната мода, но во луксузно пакување, а истовремено е нослива и урбана. Направен е одличен спој на спортската естетика со елегантни и деловни изгледи, во градација на сини тонови: од тегет до азурно сина, а во меѓувреме миксани со апстрактни колоритни принтови.

Ботега Венета – Меки и женствени силуети
Вечната класика е водечки императив во колекцијата за есен-зима 2016 на Ботега Венета, во која меките и женствени силуети се движат во сензуален ритам.
Слоевитоста и комплексноста се застапени преку обликот на различни апликации и метални детали на облеката. Вечната елеганција е присутна и преку долгите капути врзани околу струк, широките панталони, како и фустаните што ја следат линијата на телото.
Едноставни, но мајсторски изведени кроеви кои со право остануваат класика.

Марни –Артистична асиметрија и волуменозност
Забавна геометрија зачинета со апстрактни принтови, топли бои и волуменозни кроеви. Зимската колекција на Марни е со предзнак: ументничка.
Студената сезона Марни ќе ја обои со топли тонови комбинирани во колор блок варијанти, а притоа си поигрува со женската силуета: здолништата се со висок струк со предимензионирани џебови, а костимите се аплицирани со масивни кружни светки нанижени во големи количини. Салонките со шпиц како и долги висечки обетки ја заокружуваат приказната.

Објавено:
29 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
394 пати