Нема што не би носеле од новата колекција на Ралф Лорен

8 февруари 2019

За разлика од помпезните вечерни шоу-а кои дизајнерите ги практикуваат, Ралф Лорен одлучи најновата колекција за есен 2019 во рамки на Њујоршката модна недела да ја претстави наутро.

Ревијата се одржа во рамки на салонот на модната куќа во Њујорк, а странските медиуми имаа само пофални зборови за ваквиот тип на презентација, опишувајќи го како интимно, пријатно и вистинско освежување.

Дизајнерот покажа дека и со смирен и минималистички пристап може да се остави силен впечаток. А минимализмот беше присутен и во модниот израз, не само во презентацијата.

Лорен понуди колекција која има комерцијална нота, но не и евтина. Убавите ткаенини и женствените кроеви се нешто што ги обединува сите креации.

Разгледувајќи ја целата колекција, ќе сфатите дека тој размислувал за жената и нејзиниот изглед во секој сегмент од денот.

Така, ревијата започнува со комбинации кои лесно можат да се вклучат во деловниот стил на жената, но никогаш претерано строги и никогаш без доза на елеганција и женственост. Лежерниот изглед, а сепак софистициран е присутен кај сите парчиња, вклучувајќи ги и тие за вечерни излегувања.

Секако, присутен е и сексапилот, но на префинет, скап, мистичен начин. Од креации со долги здолништа или широки женствени, до креации што ја истакнуваат линијата на телото, Ралф Лорен понуди нешто во што може да се пронајде секоја жена, без разлика на нејзината градба.

Белата, црната и златната се доминантни бои. Како и Мајкл Корс, Лорен го нуди она што жената сака да го види и носи, вметнувајќи своја препознатливост, а искомбинирана со она што е актуелно и комерцијално. Некој можеби и ќе најде замерка на ваквиот пристап, нарекувајќи ги премногу едноставен за дизајнери од таков ранг. Едноставно да се обединат потребите не жената, потребите на пазарот, трендовите, личниот печат, препознатливоста, модерното и класичното,а да не се повторите и да го привлечете вниманието? Ни најмалку. Токму низ овие сегменти може да се види умешноста и искуството.

Целата колекција погледнете ја во продолжение:

Објавено:
8 февруари 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
3.046 пати