Неверојатни колекции на светските дизајнери на третиот ден од лондонската модна недела

16 септември 2013

Лондонската модна недела уште еднаш покажа дека е место за кое вреди да ги потрошите и последните пари за да се најдете таму, па макар и во последните редови.

Вчерашниот ден на лондонската модна недела беше исполнет со ревии на едни од најпознатите светски дизајнери кои буквално и го одзедоа здивот на публиката.

Од неверојатната колекција чевли на Маноло Бланик, па се до магичната ревија на Мулбери и еко освестувачката ревија на Вивиен Вествуд, Лондон вчера беше место каде вреди да се најдете.

Маноло Бланик на своите обожаватели вчера им понуди една магична палета од бои и неверојатни дезени што веднаш посакуваме да се најдат на нашите нозе. Тој уште еднаш покажа дека е меѓу омилените дизајнери за чевли на светските ѕвезди и дека со причина и беше омилениот на фамозната Кери Бредшо.

Manolo Blahnik

Иако својата прва колекција ја создаде уште во 1971 година, му требаше доста време да се одлучи да се појави на модната недела. Седумдесетгодишниот дизајнер тоа го направи дури сега, со објаснување дека сега лондонската модна недела е исклучително професионална и дека во Лондон е иднината на модата. Неговите чевли се дефинитивно нешто што мора да го имате следната сезона, доколку сте љубител на шпанскиот стил и деталите што ги прават неговите чевли навистина единствени во светот.

Точно на пладне, Лондон беше сведок на уште една неверојатна колекција на британска модна куќа чии креации дефинитивно сакаме да бидат дел од нашиот плакар.

Ревијата на Мулбери ја отвори ултра популарната Кара Делевињ која изгледаше подобро од било кога во екстра удобното парче на Мулбери. Модната куќа претстави свежи парчиња во популарни и пролетни бои кои ќе ја одбележат следната сезона. Ревијата понуди лежерни фустани, исклучителни здолништа, шик палта и што уште не што девојките сакаат да го носат и да се чувствуваат посебно и удобно. Имено, ова беше последната ревија на креативниот директор на модната куќа Мулбери, Ема Хил, па токму затоа ревијата беше од посебно значење за сите посетители.

Mulberry

Со неверојатните ѕвезди од модниот свет како Ана Винтур, Кејт Мос, актерката Саманта Баркс и уште многу други, ревијата на Топшоп Јуник дефинитивно може да се прогласи како најкул ревија што досега беше прикажана на лондонската модна недела.

Од модната куќа ни претставија парчиња што се исклучително модерни и шик и што веднаш би можеле да се носат. Неверојатните бои и дезени на парчињата облека што беа претставени на нивната ревија дефинитивно ќе ја одбележат следната сезона и ќе бидат едни од најбараните.

Онаа култната, онаа во која сите верувавме и едвај ја чекавме нејзината нова колекција како да разочара! Таа се најде на мета и на модните критичари опишувајќи ја нејзината колекција повеќе како театрална отколку стилска. Сакајќи да ја насочи свеста на јавноста кон климатските промени, таа прикажа театар повеќе отколку што ни понуди нешто за носење за следната сезона.

Vivienne Westwood

Нашиот омилен? Се разбира, Маноло Бланик и целата негова колекција чевли. Ги сакаме веднаш!

Објавено:
16 септември 2013
Категорија: 
Колекции