Македонскиот дизајнер Никола Петровски го прослави својот 20 годишен јубилеј во модната индустрија во рамките на Модниот викенд Скопје, со промоција на неговата нова колекција „Бохо шик" наменета за сезоната есен-зима 2016/2017.

На промоцијата на неговата нова линија ѝ претходеше ретроспектива нa дел од неговите највпечатливи дизајни од претходните колекции, со што направи еден краток омаж на 20-те години во модниот дизајн и неговиот прогрес како моден дизајнер.

„Бохо шик" е современа верзија на стилот на модните икони од 70-тите години на минатиот век, во која преовладуваат шарените принтови, макси фустаните и опуштените кроеви.

„Колекцијата ја нареков „Бохо Шик" бидејќи и се инспирирав од бохо стилот и раните 70-ти години од минатиот век и за мене модните икони од тој период како Џејн Биркин, Џери Хол, Анџелика Хјустон, Бјанка Џегер и Шер. Материјалите кои ги употребив се различни: памучен сомот, трико од памук и вискоза, велур, жоржет, тантела и елементи од еко кожа, а преовладуваат земјени бои, најмногу кафеавата, портокалова, црвена, златна и за разлика од друг пат црната ја има во поголема мера", вели дизајнерот.

По претставувањето на Моден викенд Скопје, Петровски најави презентација на колекцијата и пред неговата домашна, битолска публика, а ќе следува и фотосесија за истата.

Веднаш после него, своја прва ревија имаше и брендот за накит „Сигма“. Тие го искористија учеството на оваа манифестација за да ги претстават новите ексклузивни парчиња италијански накит за актуелната сезона, пролет-лето. Накитот можете да го погледнете во галеријата во продолжение:

 фото за „Сигма“: FWSK

Објавено:
4 април 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.801 пати