Кога ќе помислиме на Алберта Ферети, меѓу првите асоцијации се романтичните креации. Тантелата, етно мотивите и генерално принтовите се нешто што неретко го користи во своите креации.

Овој пат, во рамки на модната недела во Милано, таа понуди нешто ново и не толку вообичаено за неа. Понуди колекција која ги следи актуелностите.

Ревијата ја отвори црн комбинезон, а потоа продолжија креации во иста нијанса од кожа. Алберта користи слоевити комбинации, а шапките се модниот додаток што доминираше во колекцијата.

Впечатливи се креациите од транспарентна ткаенина со златни ленти. Инаку, златните нијанси се провлекуваат речиси низ целата колекција. 

Посебно ни се допаднаа комбинациите во интензивни бои, што внесоа свежина наспроти доминацијата на црните парчиња. 

Секако, не се лишува од принтот во целост, па има неколку парчиња со принт, односно апликации, а таквите ткаенини и комбинации ги применува дури и на обувките.

Си игра и со различните материјали, па во една комбинација ги спојува на пример, кожата, волната и памукот, или кожата, некој транспарентен материјал и сатенот.

Интересни се комбинациите на сатен односно свила и џинс. Изгледаат урбано и свежо. Ферети прави баланс и помеѓу широките и волуменозни парчиња и оние што ја следат линијата на телото. 

Последниот дел од колекцијата е резервиран за креации во кои девојките ќе се почувствуваат како ноќни кралици. Едноставни, а истовремено и толку комплицирани и ефектни, тие навистина беа одличен избор за крај. 

Алберта Ферети прикажа како би можела или би требало да изгледа жената во различни периоди од денот, а да биде современа и своја.

Комплетната колекција ја имате во галеријата погоре. 

Какви се вашите впечатоци?

Објавено:
23 февруари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
387 пати