Нов изглед на новиот изглед – поинаква димензија на Диор

27 септември 2017

Марија Грација Кјури го однесе Диор во една нова ера и сосема поинаква димензија. Храбар и ризичен, но вистински потег.

Раф Симонс кој претходно беше на нејзиното место работеше одлично, во препознатливоста на Диор, но неговите дизајни многу ретко можеа да се видат „на улица" и беше речиси ирелевантен за новите генерации.

Марија Кјури беше токму она освежување што на брендот му недостасуваше. Сега Диор како да доживеа реинкарнација, во залет со модерното време.

Фокусот не е повеќе на познатите елегантни фустани со нагласен струк, со здолништа во волуменизиран крој, кои речиси и ги немаше во последната колекција што беше презентирана вчера на Модната недела во Париз. Наместо нив, носечката енергија им припадна на младешките парчиња облека што носат нов, динамичен дух.

Слоевити комбинации од кратки шорцеви и транспарентни здолништа, корсети облечени врз маички по кратки ракави, мрежести чизми, џинс од глава до пети, качкети, чорапи во пруги, точкаст принт... Разиграна и еклектична колекција која го заслужува целото внимание на светската јавност и со која Диор започнува нова приказна.

 

Објавено:
27 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
475 пати