Нова мода за мажи: „Откријте гo половиот орган“

23 јануари 2015

Кога Рик Овенс неодамна најави дека во новата колекција ќе има многу „примитивни“ моменти, не очекувавме дека дизајнерот ќе се наврати години наназад кога мажите оделе само со наметки без да се грижат дали ќе откријат нешто.

Иако ревијата на дизајнерот можеби беше празник за очи за девојките што седеа во првите редови кои во тие моменти единствено го познаваа копчето „zoom“ на нивните телефонски уреди, освен во неколку наврати, Рик Овенс не покажа машки модни парчиња што ќе фасцинираат.

Тој посочи дека неговата инспирација биле митските скулптури од минатото, но и црно – белите филмови со подморници.

Покрај откриените полови органи кај некои од мажите што ги претставија „висечките“ парчиња од неговата есенска колекција, имаше и други впечатливи моменти. Ревијата почна сосема нормално, кога на пистата видовме одлични кожени и волнени машки палта до колената, комбинирани со високи чорапи и куси панталони.

Веднаш потоа, дизајнерот прикажа неколку клучни женски парчиња за мажи, кои беа полн погодок, но доколку стануваше збор за женска ревија. Веднаш откако ги испративме долгите плетени туники од сцената, настапија контроверзните парчиња, на моменти шик, но тотално невообичаени. На некои од нив, можевме да ги видиме и половите органи на моделите, кои сосема гордо го промовираа она што дизајнерот го подготвил за следната сезона.

Доколку после ова е возможно да говориме за колорната палета на колекцијата, таа беше вистински синоним за есен. На пистата видовме претежно црни и кафени парчиња, прикажани преку невообичаени наметки, кожени јакни со метални патенти, но и волуменозни палта од несекојдневен материјал.

Сосема очекувано, реакциите на медиумите и модните критичари не стивнаа по завршувањето на ревијата на Рик Овенс, со што тој уште еднаш докажа дека е вистински „крал“ на контроверзните ревии и парчиња што никогаш не остануваат незабележани.

Многумина посочија дека парчињата што открија малку повеќе се вистинска уметност, додека други упатија безброј шеги на сметка на дизајнерот.

Ние дефинитивно не би сакале да ги видиме нашите мажи во ова, барем не јавно, а со оглед на популарноста што ја доживеа колекцијата, веруваме дека барем некој од славните ќе си купи по едно парче!

Објавено:
23 јануари 2015
Категорија: 
Колекции