Во тек е модната недела во Париз посветена на Високата мода, а во рамки на истата се претстави и брендот „Armani Prive“.
Колекцијата изобилува со женственост и елеганција, создадена е за вистински дами. Она што е евидентно е што за разлика од она на што најчесто сме навикнати да го гледаме, овој пат Армани понуди зголемен колорит во комбинациите.
Покрај неизбежната темносина, Армани си игра со розовите, црвени, беж, сини, виолетови, црни нијанси... Забележливо е присуството на кроеви кои ги истакнуваат женските облини и женската префинетост.
Од сребрени одела, до женствени фустани, брендот и овој пат подготви колекција која ги следи сите модни потреби на модерната, активна жена.
Материјалите со сјај, ресите, светките, начинот на кој се изработени, придонесуваат за гламурот и луксузноста што се содржат во колекцијата. Исто така, меша принт со принт, што не се гледа често кај овој бренд, но сепак се' е со јасни кроеви, пропорции, ткаенини и минималистички естетски израз.
Посебно внимание секако привлекуваат шапките, внимателно и рачно изработени, збогатени со реси и тул. Ресите се среќаваат и низ креациите изработени од префинети материјали како свила и брокат.
Според Армани, денешните жени треба да изгледаат токму како што ги претставува, а ние не можеме да кажеме дека не се согласуваме.
Во продолжение погледнете ја целата колекција и кажете ни која комбинација најмногу ви се допаѓа?