Новата колекција на „Ердем“ : Лето низ призма на винтиџ принтови

25 јуни 2020

Дел од дизајнерите и покрај ситуацијата со Ковид-19 се одлучија да ги презентираат своите ресорт колекции. Меѓу нив е и турскиот дизајнер Ердем Мораилоглу.

Како открива за американските медиуми, поголемиот дел од работата е направен за време на карантинот.

„Не можам да опишам колку е убаво чувството што конечно можам целиот резултат да го видам интегрално и да го почувствуваме фидбекот“, вели челниот човек на брендот „Ердем“.

Ткаенините биле купени пред март месец.

„Но, фитингот го правевме преку „Зум“, со луѓето од моето студио, секако од нивните домови, од каде и се шиеја креациите“, открива дизајнерот.

А крајниот резултат се креации кај кои доминира винтиџ естетиката. Тоа е видливо и во кроевите, но уште повеќе при изборот на принтови.

За разлика од претходните години, ова лето апсолутен хит ќе бидат ситните цветни дезени, па во таа насока се движел и турскиот дизајнер. Неговата цел била купувачите да инвестираат во безвременски и квалитетни парчиња.

А факт е дека романтичните фустани никогаш нема да престанат да се носат и да бидат привлени. Покрај тоа, дизајнерот подготвил и неколку комбинации со кошула и здолниште, како и одела. Со шаренилото на принтови и бои и кроевите направил спој на тренд и класика.

Изборот фотографиите да се направат во шума во Лондон е негов начин да порача дека нема ништо повозвишено од сплотувањето со природата.

Погледнете ги останатите креации од колекцијата:

Објавено:
25 јуни 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
314 пати