Новата ресорт колекција на Диор ќе ве воодушеви!

23 јули 2020

Марија Грација Кјури, со последната „haute couture" колекција за Диор, ја зацврсти својата челна позиција во брендот, креирајќи дигитализирана висока мода која предизвика најмногу внимание, а воедно и најголеми симпатии, на неодамна одржаната Недела на висока мода.

Со истата енергија продолжува и во новата ресорт колекција за луксузниот француски бренд, што нема да ве остави рамнодушни.

Овој пат, креативната директорка како централна тема во колекцијата ја поставува богатата, традиционална рачна изработка, карактеристични за културата на малиот италијански град Лече, во јужниот дел од земјата, од каде всушност потекнува нејзиниот татко. Голем дел од нејзиното детство го поминала во овој град, па културата на локалното население ѝ е толку добро позната, што на автентичен начин ја интерпретираше во новата ресорт колекција за Диор, давајќи ѝ сентиментална вредност.
Колекцијата беше прикажана токму на плоштадот во Лече, каде наместо популарните блогерки, јавни личности и новинари, публика беше локалното население што шоуто го следеше од своите балкони.
Културното богатство на Лече е особено значајно поради неговите импозантни културно-уметнички знаменитост од времето на Барокот, а истовремено и поради фантастичните рачно изработени ткаенини и плетенини од локалните домаќинки.

Марија Грација во контекст на оваа колекција, за Вог ќе изјави дека, за разлика од Франција каде локалното население е свесно и исклучително ја почитува својата традиционална, рачна изработка што стои и во ДНК структурата на нивната култура, Италијанците го немаат изразено тоа чувство и не ја препознаваат до тој степен вредноста на својата локална култура. Затоа, решила преку оваа колекција да им го предочи значењето на домашната традиција, особено рачните изработки.

Па ова нејзино објаснување, целосно го покрепува концептот на ресорт линијата во која се изразени корените на општествената култура и уметност на Лече, преку колоритните ткаенини, везови и плетенини, сместени во естетика што потсетува на онаа од 90-те години. Колекција во која се прeсретнуваат и сплотуваат скромноста и луксузниот дизајн.

Фото: Vogue

 

Објавено:
23 јули 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
281 пати
Тагови: 
Диор