На претпоследниот ден од њујоршката модна недела, сите пофалби отидоа на сметка на Мајкл Корс. Тој и овој пат претстави колекција, толку реална, а сепак инспиративна, што секоја жена би посакала да ја носи.
Во центарот на вниманието беше прекрасното крзно, кое се најде на џебовите на капутите, на околувратниците, ремените. Иако како моден додаток, крзното доминираше и ја дефинираше колекцијата.
Инаку, Мајкл Корс и овој пат си играше со силуетите, па е забележително присуството на машките кроеви во женските модели. Американскиот дизајнер е познат по тоа што во своите ревии, односно колекции вклучува мешани модели (и мажи и жени), што беше случај и овој пат. Пред њујоршката публика, на свој терен тој претстави капути, здолништа, панталони, фустани, џемпери...
Речиси секој од моделите што излезе на пистата имаше слоевити парчиња, изработени од волна, кашмир, свила, букле... Кројот и изборот на квалитетни материјали само одат во прилог на беспрекорноста на Корс. Иако доминираа парчиња во капучино нијанси, сепак имаше и неколку во темносина и зелена, што ја „освежија“ колекцијата. Посебно внимание привлекоа и парчињата од дамаст, а дезенот карактеристичен за оваа ткаенина беше аплициран и врз бунда, што беше одличен потег на креаторот.
Во дел од креациите ќе се препознае и инспирацијата од 1930-тите. Сепак, Корс сака преку колекцијата да прикаже како го доживува американскиот стил, особено во денешницата, а не како ретро колекција. И успеал во намерата. Преку ова модно шоу, кое на крајот завршува со неколку свечени тоалети, добиваме комплетна претстава за тоа како треба да изгледа жената во различни пригоди.
Покрај Корс, своите колекции вчера имаа можност да ги презентираат и Џереми Скот, Маркеза и Проенца Скулер.
Џереми Скот
Дизајнерот на Москино се претстави со самостојна ревија, за која инспирација му биле кукли. Хулахопки во интензивни бои и фустанчиња со цветчиња, зајчиња, мечиња и слично, доминираа низ целата колекција. И кога ја гледате како постојано да гледате еден ист модел, како дизајнерот воопшто да не се потрудил. Нема потреба да се нагласува дека живописноста и боите доминираа. Интерсен беше изборот на перики и шминка, но само тоа нас ни остави поголем впечаток. Џереми Скот има специфичен стил на дизајнирање, да, но овој пат очекувавме нешто повеќе од него.
Џереми Скот
„Опиум соништа“ е насловот на колекцијата на Маркеса. Ако се земе предвид буквалното значење (состојба на халуцијанција после консумирање на опијати или наркотици), тогаш тимот на брендот имал за цел да нè воведе во еден нов свет и да нè „маѓепса“ со колекцијата.
Маркеса
Ресите се доминантни и ги има насекаде, дури и врз панталони. Иако овој изглед, што многу потсетува на кабаре, не е нов, сепак може да се рече дека реси врз панталони се нов моден момент. Така што сите што уживаат во пердуви, реси, и естетиката на 1920-тите години сигурно ќе ја обожуваат оваа колекција.
Маркеса
„Не размислувајте премногу, направете го“ е мотото по кое се водело модното дуо Лазаро Хернандез и Џек Мекола кога ја создавале колекцијата. А севкупната инспирација ја добиле од работата на апстрактните експресионисти од средновековната њујоршка школа. Пред сè од работата на Хелен Франкенталер.
Проенца Скулер
-Таа е инспиративен лик за нас, па целата идеја за експресионизмот и модата дојде спонтано – изјавија дизајнерите. А нивната инспирација беше преточена во парчиња со едно рамо, миди здолништа од шифон, потоа палта и фустани со фалти и ефект на исечени парчиња. Посебно интересни беа „обвитканите“ обувки.
Проенца Скулер
Дел од креациите оддаваа впечаток на тешки и непрактични, сепак, модното дуо успеало во намерата експресионизмот од овој период да го пренесе во сегашноста. За разлика од другите ревии, можеби не е најпрактичната ревија, но сепак покажа дека уметноста и модата постојано се во врска.