NYFW: Свежи, урбани и романтични креации на претпоследниот ден

16 февруари 2017

И на претпоследниот ден од модната недела во Њујорк агендата беше богата и густа. Во текстот во продолжение ви ги презентираме колекциите на „Делпозо“, „Ралф Лорен“, „Мајкл Корс“ и „Маркеза“, бидејќи миксот од сите четири е она што би сакале да го носиме во есен-зима 17/18.


Свежината на „Делпозо“

Овој бренд со својот колорит и класичниот израз внесе вистинска свежина и „чистота“, што веднаш ни го привлече вниманието. Интензивните бои, како и скуплтурални сулуети се нешто и што се очекува од оваа модна куќа.

Сакоата, блузите, џемперите се со изразени, „проширени“ раменици, што совршено се вклопуваат со широките панталони. Како контраст на овие силуети, се оние „рамните“, каде горниот и долниот дел се речиси споени или паѓаат слободно.

 

Освен играта со бои и силуети, присутна е и онаа со ткаенините. Така, плетенините се комбинираат со брокат, или брокатот со тул и сето тоа функционира одлично.

Вниманието ни го привлекоа и шарените чанти со перли, што веруваме ќе биде еден од најпосакуваните модни додатоци, што внесува посебна доза на веселот, во и онака разиграната колекција.

 

Урбаноста на Мајкл Корс (Michael Kors Collection)

„Додека растев бев опкружен со силни жени и сакав оваа колекција да биде во знакот на силата и сензулноста“, изјави дизајнерот.

За таа цел, освен урбаните креации, тој ангажира и различни типови жени на неговата ревија. Еди Кемпбел, плус-сајз моделот Ешли Греам, Џоан Смолс, Кендал Џенер – изборот не е ни малку случаен. Преку ваквиот кастинг, Корс сака да прикаже различни типови на „секси“, а она што ги обединува е нивната самодоверба. Токму тоа е и пораката на оваа есенска колекција – силата, самодовербата и заводливоста.

 

Како еден од дизајнерите што остварува најголема заработувачка, вели дека секое парче треба да содржи аргумент зошто некој би го купил.

А кога сме кај парчињата, во оваа колекција изобилуваа оние со спуштени раменици, што малку нè потсети на 1980-тите, но оваа варијанта е далеку подобра. Исто така, повеќето комбинации се повеќеслојни и вклучуваат ремен (истакнување на половината) и шал во форма на ракави.

Последниот дел од колекцијата е резервиран за вечерните излегувања, Корс својата жена или муза ја замислува во црно и со реси. Го вметнува и животинскиот принт, кој не е агресивен и добро се вклопува во неговата приказна, која и тоа како добро знае да ја пласира и продаде.

 

Суптилноста на „Ралф Лорен“

Ако очекувавте ревија исполнета со џинс комбинации, тогаш ќе ве изненади најновото од дизајнерот. Ова е втора негова колекција направена по принципот see-now-buy-now, па не изненадува податокот што одлучи да ја направи токму во својот бутик на Медисон Авенијата.

За таа цел ги трансформираше првите два ката во цветен свет, опкружувајќи ги присутните со орхидеи (околу 100.000 цвета).

Таа романтичност сосема соодветствуваше и на она што го прикажа на пистата – лежерни и нежни креации.

 

Најзастапени се нијансите на песокот – од беж до златни, но имаше и такви во црни и виолетови тонови.

Акцентот беше ставен на лелеавоста, удобноста и сензуалноста. Преку изборот на материјали пак, внесува и доза на луксузност во секојдневието, а преку модните додатоци го вметна и животинскиот принт, како одраз на темпераментност.

На крајот пак, го вклучува и џинсот, како потсетување на тоа дека колку и да уживате во авантурите и добро се чувствувате во тоа, сепак најудобно е дома и дека ова е сепак, Ралф Лорен.

 

Гламурозноста на „Маркеза“

За крај доза луксузност. „Маркеза“ понуди колекција што одлично ќе се вклопи во оваа сезона на црвени килими. Инспирацијата е Кина, видлива преку украсите.

Цветните принтови беа доминантни, како и 3Д апликациите. Посебно допадливи се ресите во различни бои, а токму богатиот и нов колорит е нешто со што креативниот тим на куќата се пофали во медиумите.

Романтичноста е прикажана и преку карнерите, тулот, како и цветните украси за коса.  

Објавено:
16 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
381 пати