Од „Мала станица“ стартуваше десеттото јубилејно патување на Моден викенд Скопје

24 октомври 2014

kolaz nov

Со две авангардни ревии на двајца македонски дизајнери, од „Мала станица“ како почетна станица, стартуваше новото патување на Моден викенд Скопје . Десеттата јубилејна сезона што тематски го носи ретро предзнакот на 60-тите,  поп-арт уметноста и визуелната геометрија, токму во такво расположение вчеравечер ја започна неколкудневната модна авантура низ Скопје. Влезот на „Мала станица“ и целиот внатрешен амбиент беше трансформиран во црно-бел хипнотизирачки филм, во кој сепак главната улога ја имаа младите македонски дизајнери Јован Петровски и Јована Филиповиќ.

Јован Петровски не случајно ја отвори десеттата сезона на Моден викенд Скопје, бидејќи тој е првиот дизајнер со чија ревија започна и првото издание на домашниот Моден викенд. После пет години, Јован се врати „вооружен“  со новите искуства и уште поголемата креаторска самодоверба што ги носи од Банког каде успешно функционира веќе неколку години.

Пред својата, домашна публика, Јован ги претстави новите колекции од двата негови бренда „Squire“ која во суштина е продолжение на „Jovan Petrovski Clothes“ и „Blackout“, ексклузивна линија на High Street облека и накит. И кај двете линии во кои видовме и машки и женски модели, заедничката нишка се сведува на личниот стилски сензибилитет на дизајнерот. Па така, доминантна е црната боја која е и најзастапена во личниот имиџ на Јован, повремено во дихотомија со белата и кралско сината.Кроевите и линиите се сведени на минимализам, но во секој поглед се чувствува бунтовничката енергија на креаторот преку спојот на различни стилови.

Јован Петровски

-Сакам да мешам идеи и стилови. На почетокот е многу конфузно дури и во мојата глава. Но, при самиот крај на креативниот процес се се кристализира и станува јасно. Почнувам со музика, која ми е базична инспирација на секоја колекција. Целиот амбиент го градам околу музиката, исто како композитор кога компонира - вели дизајнерот за креативниот процес на неговото творештво. Логично на ова се надоврзува и особеното внимание кое Јован го посветува при изборот на музичкиот амбиент во рамките на кој се презентираат и неговите колекции, па вчеравечер за музичката позадина беше задолжен музичарот Сашко Костов што беше доследна подлога на мистичната и мрачна колекција за сезоната есен/зима 2014-15.

Јован Петровски

Мистиката предизвикуваше во протекот на целата линија симболично прикажана преку влијателната црна боја, но во различни текстури. Препознатливо за дизајнерскиот израз на Јован, линиите беа остри, минималистички сплотени во „slim cut“ силуети, тесни кожени панталони, андрогени палта, кошули со геометриски засеци на ракавите и асиметрично закопчување и во пределот на деколтето кај женските модели.

Со оглед дека спорско-елегантиот стил е актуелен тренд, беше присутен и овде. Сензибилитетот на Александар Ванг се почувствува во дел од моделите, особено кај кошулите и машките панталони.

Јован Петровски

Јован Петровски

Впечатливи беа и сакоата со „пресечени“ ревери. Покрај тесните, струкирани силуети видовме и неколку предимензионирани парчиња како широките кошули со нагласена половина со релјефни, футуристички ремени.

Јован Петровски

И машките и женските модели беа комбинирани со чизми Мартинс или старки, што на колекциите им дава спортска конотација.

-И двете колекции „Squire“ и „ Blackout“ ми се промовирани во Бангкок, но за потребите на FWSK направив поинакви стајлинзи, спортски комбинирани со старки и мартинки. Инаку колекцијата може да биде елегантна, доколку се комбинира со елегантни чевли. Се работи за комерцијална колекција составена од 32 парчиња и е наменета за широк дијапазон на купувачи - изјави Јован за Fashionel.

Јован Петровски

Психоделичната и прецизна експресија кај Јован Петровски, во вториот дел од програмата беа заменети со разиграните звуци на џунглата кои на писта ја донесоа егзотичната-сафари жена на Јована Филиповиќ.

Сексапилна, провокативна, храбра сафари жена се соочува со предизвиците на урбаната градска џунгла, ова е првиот впечаток откако ја доживеавме новата колекција на Јована насловена „Where the wild things are“.

Јована Филиповиќ

Смелите кроеви, високите странични шлицови и длабоко отворениот грб на грациозните фустани, како и нагласената половина бескромисно ја дефинираа новата женственост според визијата на креаторката. Кога се боите во прашање, доминираа зелените нијанси, црната, белата, како и ткаенините со животниски принт. Несомнено, материјалите биле внимателно селектирани, па видовме комбинации од свила, волна, кашмир, но и обоено природно крзно.

-Секогаш инсистирам да користам квалитетни материјали, што самите ќе зборуваат за колекцијата и приказната околу неа. Овој пат водечка инспирација ми беше  Power couple и нивната љубовна афера, на сафари. Како што денот се претвора во ноќ, нивната љубов станува по динамична, така и колекцијата станува по строга и по елегaнтна. Мојот сензибилитет и овој пат ќе се почувствува целосно. Минимализам, чисти кроеви и детали – објасни Филиповиќ.

Јована Филиповиќ

На прашањето дали се плаши од реакциите поради природното крзно кое во повеќе наврати и на различни начини беше комбинирано во комплетирањето на моделите,  вели:

-Не. Јас цврсто стојам зад она што го правам. Сите материјали се природни, така што сметам дека овој мој избор беше правилен – нагласува дизајнерката.

Исто така, Јована понуди и интересни дезенирани хулахопки што вметнуваат специфичност и динамика во комбинациите.

Јована Филиповиќ

Освен женските модели кои доминираа, на пистата се појавија и неколку машки. Филиповиќ се одлучи да го следи светскиот тренд на куси машки панталони, па ги искомбинира со кошула и свилен шал. За оние мажи пак што сакаат да се полежерни и имаат урбан стил, Филиповиќ понуди широка кошула во комбинација со панталони со подвиткани ногавици.

Инаку, таа не ја криеше возбудата што повторно презентира своја колекција во просторот на „Мала станица“, каде пред точно 10 сезони за првпат презентираше својата колекција. Филиповиќ беше дел и од шестата и седмата сезона, па ја прашавме во која насока треба да оди Моден викенд Скопје, за да биде што подобар:

Јована Филиповиќ

-За да се подобри Моден викенд, првин мора да се подобрат многу други работи во државава. Да имаме уште пообучени манекенки, организациските способности да ни се уште поразвиени. Ние дизајнерите уште повеќе да се трудиме. Тоа е нешто што заеднички се гради - заклучи дизајнерката.

Од Мала станица, вечерва Моден викенд патува неколку метри подолу, до следната „Станица 26“, каде е закажана ревијата на македонската дизајнерка Александра Митковска со почеток во 21 часот.

Објавено:
24 октомври 2014
Категорија: 
Колекции