Од писта директно на улица – Новата колекција на Етро е фаворит за следната есен

1 март 2021

Ако некогаш сте се запрашале или ве интересирало како би изгледала улична мода со потпис на Етро, брендот со есенската колекција претставена на Миланската модна недела како да го даде својот одговор.

Со видео презентација составена од чекорење на моделите по „писта“, а проследено со специјална вокална изведба, од брендот ги разгалија оние од другата страна на мониторот.

Кога ќе помислите на Етро, тоа значи многу боја, текстура и дезен. И воопшто не избегаа од таа естетика. Но, и покрај тоа што немаше ништо револуционерно во однос на кроевите или комбинациите, ним сепак им успеа да оформат модна приказна вредна за внимание.

Така, понудија одличен спој на парчиња со спортска и класична естетика. Џемпер со шорц, широки панталони со ластик и елече, кошула и џемпер со спортски панталони и пелерина, лелеави фустани, се само дел од она што можеше да се види.

Акцентот е ставен на удобноста и широките кроеви иако не' почестија и со неколку комбинации кои одлично би истакнале нечија фигура.

 

Но, нивната привлечност е и во комбинацијата на текстурите и принтовите. Од етно мотиви до животински принт, Етро не преагресивно, но сепак доволно впечатливо ги имплементираше во речиси секоја комбинација.

Дури и да не сте љубител на еклектичниот стил, сепак би посакале макар да пробате некоја комбинација. Се посветило внимание и на модните додатоци - чанти со реси, или пак оние пократките со комбинација на бои, односно со метални впечатливи токи, потоа везени качкети, ремени со етно вез, а секако меѓу највпечатливите се и везени високи чизми, на сосема ниска потпетица.

Всушност, високите чизми се тренд од кој нема да се разделиме ниту следната есенско-зимска сезона, ако ги следиме упатствата на италијанскиот бренд.

Спојот на плетенини, свила, светкави материјали, кадифе, тенко (вештачко) крзно, кожа - се покажа како функционален на писта. Но, со крајот на видео-презентацијата, кога моделите од „писта“ излегуваат на улица, е јасна порака од брендот дека нивните парчиња се супер избор за сите пригоди, од утро до вечер.

A еве ја и видео-презентацијата:

 

Објавено:
1 март 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.196 пати