Дизајнерката Олгица Ѓоргиева ја имаше честа да го затвори вториот ден од Модниот викенд Скопје со нејзината нова колекција насловена како „Touch of my soul“.
Таа на присутните им прикажа модерна и свежа колекција со младешки парчиња наменети за тренди и елегантни прилики.
Како и секогаш, во колекцијата можевме да го видиме нејзиниот препознатлив женствен печат под кој неколку години твори на македонската модна сцена.
„Изминативе неколку сезони полека се навраќам кон сопствените корени, кон личниот стил на креирање и користам техники и принтови кои биле користени во создавањето од моите предци. Колекцијата е модерна верзија на мојот производ со длабоки корени на мојата историја“, изјави Ѓоргиева.
Ревијата таа ја отвори со две сосема спротивни комбинации, едната составена од црвени килоти и едноставна бела маичка со натпис, додека другата составена од здолниште со длабок шлиц и горен дел со интересни ракави и отвори.
Веднаш потоа, на пистата можевме да видиме малку поелегантни модели меѓу кои и свилени фустани со извезени апликации, како и светкав комбинезон кој се чини беше најдоброто парче на вечерта.
Во последно време некако навикнавме да гледаме интересни отвори кај сите парчиња, па така беше и случај со некои од моделите на Ѓоргиева кои беа интересно сечени како во предниот, така и во задниот дел кај грбот.
Таа изненади и со комбинирањето на долгите лежерни кошули врз кои овој пат реши да облече впечатливи фустани од интересен материјал и претежно златни везови.
Сосема во нејзин стил, на крајот таа прикажа и елегантен комбинезон во црвена варијанта, но и панталони со висок струк во комбинација со маички со карнери како и парчиња изработени од кадифе како најпопуларен материјал сезонава.
Ревијата таа ја заврши со венчаница со впечатливи цветови од едната страна и црно ременче. Фотографиите од колекцијата ги гледате во галеријата.