Перфектна концизност во новата линија на Живанши

9 јануари 2015

Рикардо Тиши во пред-есенската колекција за 2015 година на Живанши, успеа да демонстрира се во едно: принтови, кроеви, текстури, материјали и форми, а сепак тоа да не е предозирано, туку напротив сосема одмерено до перфектна концизност на дизајнерската замисла.

Креативниот директор безмалку како талентиран скулптор ја моделираше својата нова Живанши жена, анулирајќи ги сите додатоци и безпотребни детали, оставајќи ја само совршената основа.

Ако пролетната колекција на престижната модна куќа беше повеќе сензуална, оваа е далеку поригорозна и конкретна.

Новата линија промовира 26 различни карактери кои вклучуваат математички прецизни кроеви, строги линии, комбинации на минималистичкин принтови и различни текстури на палтата, сакоата, панталоните, здолништата и фустаните.

Колор блок геометриските комбинации најчесто се во црно-бела варијанта, повремено правејќи отстапки со различните текстури во земјени тонови.

Колекцијата има универзален профил и во однос на возрастите за кои е наменете и во однос на приликите, па така може да се комбинираат во еден 24 часовен маратон и да се носат во деловниот свет и во оној поопуштениот, после работа.

 

Објавено:
9 јануари 2015
Категорија: 
Колекции