Во Париз сè уште се одржува модната недела посветена на ready-to-wear колекциите, за сезона есен-зима 2016/17. Понеделнички, она што можеше да се види на писта, во голема мера ја славеше женственоста и сексапилот.

Модната куќа „Сен Лоран“, претстави колекција инспирирана од 1980-тите, од диско сјајот. Хеди Слиман одлучи да ги нагласи рамениците, да доминираат светкавите и лакирани материјали. Модниот свет коментира дека Слиман претстави колекција од висока мода. Но, тоа не значи дека не го постигна саканиот ефект – да го сврти вниманието врз креациите и да се зборува за нив.

Дизајнерот одлучи максимално да го нагласи женскиот сексапил, па кусите здолништа и длабоките деколтеа или голите раменици беа очекуван чекор. Моделите имаа стегната коса и впечатлив црвен кармин, што само ја надополни приказната.

„Сен Лоран“

Асиметричните фустани со големи панделки, раскошните бунди со нагласени раменици, кратките здолништа, светкавите фустани и комбинизони, како и впечатливиот накит на совршен начин ја отсликаа диско ерата, така што Слиман успешно ја претстави приказната зад брендот „Сен Лоран“.

Нема потреба да се потенцира дека и брендот „Соња Рикел“ го вметна крзното во својата колекција, но не на така доминантен начин. Она што повеќе го привлече вниманието беше принтот од лицата на Соња, Натали и Лола Рикел на дел од креациите. Овој бренд секогаш ја потенцирал својата традиција, а овој пат тоа го претстави и буквално. Не изостануваа ни ригите, во повеќе бои. Ревијата заврши со неколку посвечени фустани и комбинации, со што тимот на оваа модна куќа понуди комплетен стајлинг за една современа жена – од дневен до вечерен.

„Соња Рикел“

А кога се зборува за женственоста, тогаш во оваа група секако треба да се стави и последната колекција на Џамбатиста Вали. Неговата колекција изобилува со лелеави материјали и форми, дел од нив потсетуваат на оние од 1960-тите.

Џамбатиста Вали

Јакните, здолништата, фустаните со ремен и спуштен струк, фустан-палто, се дел од парчињата што би ѝ се допаднале на секоја жена што држи до нежноста и елеганцијата. Присутен е ботанички принт, најчесто во црно-бела варијанта, но и во пастелна розова. Не изостанаа ниту макси фустаните, во иста естетика како кусите, со што оваа модна, зимска приказна беше комплетирана.

Објавено:
8 март 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
208 пати