Ексцентричност и контрадикторност, во тоа е убавината на авангардниот моден израз. А на четвртиот ден од Париската модна недела имавме можност да видиме многу такви. Албер Елбаз размислуваше за корените кои го поврзуваат со Казабланка, па ориентот го преслика во новата колекција на Ланван. Рик Овенс ги спои племенското, примитивното, футуризмот и научната фантастика во едно, а Оливие Рустенг го модифицираше ретро гламурот од 70-тите.
Ланван – од војнички строги до лелеави бохо кроеви
Албер Елбаз размислуваше за своите корени и неговото родно место: Казабланка. И самиот ќе каже: Мароко е земја на контрадикторнисти, па токму затоа и во неговата нова колекција за Ланван, есен-зима 2015 се потенцирани контрадикторностите во кроевите – од војнички и строги чисти линии до лелеави и романтични бохо кроеви. Реси, јажиња околу струк и крзно како есенција на луксузот ги поврзуваат марокански-инспирираните фустани, палта, здолништа и панталони во кои е рефлектиран ориентот. Ланван преку оваа колекција раскажуваше човечка приказна, а облеката ја дизајнираше како сувенир на животот на ориентот. Фустаните со богати флорални везови, во вторит дел од ревијата, се инспирирани од мароканската свадбена традиција, односно од фустаните што ги носат невестите на денот пред свадбата. Мода што го рефлектира искуството, Албер Елбаз ја донесе суштината на писта.
Рик Овенс – мистичен футуризам
Племенско, примитивно, научна фантастика и футуризам во едно, новата колекција на Рик Овенс воопшто не е изненадување со оглед на фактот дека овој дизајнер е препознатлив по неговите ексцентрични авантури надвор од комфорната зона.
Зациментираните лица на манекенките во златна и сребрена боја и архитектонските форми во дизајнот, балансираа помеѓу уметностите: мода и архитектура. Вреќеста облека во монохроматски варијанти на црна, сива, маслинесто зелена и златна е за исклучителна таргет група, за луѓе кои сакаат да шокираат, но тоа го прават авангардно.
Балман – винтиџ гламур
Сите зборуваа за платинестата коса на Ким Кардашијан која наводно му го украла шоуто на Балман. Но, значајната тема сепак беше на писта, а надвор од неа, па дури и во првите редови – сензационализмот.
Оливие Рустенг е дете од 90-тите кое својата инспирација за новата колекција на Балман ја побара во секогаш обожаваните 70-ти години и диско 80-тите.
Балман играше на сигурната карта: сексапил и винтиџ гламур. Како и повеќето дизајнери оваа сезона, и Оливие ја нагласи женската половина со широки ремени. Колор блок играта вклучува повеќе варијанти на: виолетова, жолта, портокалова, зелена и црна.
Пругите и геометриските форми кои впрочем се препознатливи за Балман и овој пат го задржуваат изразот, а должините од мини преминуваат до миди и макси. Веруваме дека Балман девојките ќе ги обожават комбинизоните и панталоните со висок струк комбинирани со транспарентен топ.