Во рамки на актуелната модна недела во Милано, своја ревија имаше и Џорџо Армани. Дизајнерот одлучи да ја претстави во потполна тишина.
„Мојата одлука да не користам музика на ревијата воедно е и мој знак на почит кон луѓето вклучени во трагедијата која се случува во Украина, а пред наши очи“, со оваа порака протчитана токму од Армани започна неговото модно шоу за сезона есен-зима 22/23.
Кога е облеката во прашање, можеме да видиме препознатлива естетика - нијанси на сина, кадифе, светки, луксузни материјали во елегантно-деловни комбинации. Дел од инспирацијата ја наоѓа во 30-тите години на минатиот век. Во комбинација со црвени, односно розови и сини нијанси, создава динамика, претставена и преку микс на текстури и дезени.
Не се откажува Армани од безвременската елеганција, само ја приспособува на актуелните трендови, или можеби подобро е да се рече дека новите трендови ги прилагодува на неговиот естетски сензибилитет.
По завршетокот на ревијата, тој повторно даде изјава за тоа зошто се одлучил моделите на писта да чекорат без музичка подлога:
„Што можев да направам? Можев само да го пренесам сигналот од моето срце преку тишината за оваа трагедија која се случува. Не сакав да пуштам музика. Морав да дадам знак дека не сме среќни, не сакаме да славиме, дека препознаваме дека нешто многу вознемирувачко се случува околу нас“, вели 87 годишниот дизајнер.
Инаку, тој е роден во 1934 година, а имал само 11 години кога се завршува Втората светска војна. Како некој што ја искусил војната на европско тло, толеранцијата, дипломатијата и елеганцијата што се вткаени во она што го работи, се резултат на искуствата, вклучувајќи ги и воените, кои повеќето не можат ни да ги замислат.
Токму затоа, тој смета дека кога околу нас се' е многу гласно, тишината умее да биде погласна од сите звуци.
Повеќе модели можете да видите во галеријата на почетокот од текстот.