Поглед на новата прогресивна колекција „Војва“ на студентот на отсекот за моден дизајн, Христијан Младеновски

29 јуни 2020

Христијан Младеновски е студент на трета година на катедрата за моден дизајн на Факултетот за арт дизајн при ЕУРМ. Со него го започнавме циклусот интервјуа со младите талентирани идни модни дизајнери, кои за време на карантинот работеа на своите колекции во рамките на наставната програма на предметот „Колекција 2" под менторство на прф.д-р Јана Манева Чупоска.

Тогаш во разговорт Христијан ни го образложи концептот на својата прогресивна колекција „Војва", која сега веќе е реализирана и преку фотографија може да ја видиме на дело.

„Како дизајнер секогаш се инспирирам од предмети и ситуации кои се околу мене, па така и сега ме испровоцира целата општествена ситуација со пандемијата предизвикана од корона вирусот, да се нафатам токму на таа тема. Најмногу инспирација извлеков од карантинот во кој се наоѓаме, а мојата колекција го носи називот „Војва". Зборот „Војва" е вид на несвршен глагол, што значи: се мотка, се вртка, се шетка, ваму-таму, нешто кое што моментално сите ние го правиме во домашен затворен простор", Христијан ни го објасни поттикот за колекцијата.

А во однос на карактеристиките на колекцијата и што е нејзина препознатливост што ја прави посебна, младиот и талентиран студент ни посочи:

-Доминантен принцип на дизајнот е асиметрија, но содржи и симетрија и хармонија. Колекцијата изобилува со органски форми и геометриски сечења. Се појавува трансформација на комбенезони и јоргани, со цел да се долови чувството на удобноста и комфорот кој ни го пружа нашиот изолативен простор со цел да нè заштити од зараза, но содржи форми и од белите дробови кои најмногу страдаат од вирусот корона. Доминанта е белата боја која сама по себе дава чувство на чистина и стерилност, но присутни се и други тонови и бои. Вметнувајќи три вида на текстури, колекцијата добива уште поголема дизајнерска вредност, со што и самиот дизајн на текстил е инспириран од домашната изолација.

Во продолжение погледнете ја фотосесијата за „Војва".

 

Објавено:
29 јуни 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
557 пати