Погледнете ги одличните ресорт колекции на Дизел и Макс Мара за 2015

31 мај 2014

Во време кога големите модни брендови ги презентираат своите ресорт колекциии за 2015 година, дојде ред да ги погледнеме и оние на  Дизел и неверојатните Макс Мара.

За 2015 – та година, креативниот директор на Дизел, Андреас Мелбстад  ја лансираше  колекцијата  „Black gold“ со рок елементи за кои ќе каже дека се сѐ што една девојка може да посака. Модниот бренд ја интерпретираше ерата на 50 – тите со безвременската кожена моторџиска јакна и со романтичните и лежерни фустанчиња и панталони во црна боја.

Во новата колекција тие нудат и парчиња со интересен тропски – вестерн принт – нешто за што никогаш не помисливме дека ќе изгледа толку добро во заедничка комбинација. Дел од ресорт колекцијата на Дизел се и тренди тесните панталони, едноставните бели кошули, но и впечатливите  модни додатоци како вестерн ремените, како  и едноставната кожена црна чантичка.

Тотално поинаква, но подеднакво добра и квалитетна е и ресорт колекцијата на Макс Мара за 2015. Креативниот директор на брендот Иан Грифитс истата ја опишува како „моментот кога во 80 – тите во Њујорк се споија модата, музиката и уметноста“...

Во истата се состојат многу слоевити комбинации со одредена нишка на урбаност и дух на улична мода во истата. Брендот нуди неверојатно добро скроени парчиња како капути, панталони, палта, здолништа со висок струк и со магични дезени, но и комбинација на бои која што можеби не често сте ја замислувале, а истата изгледа неверојатно модерно и шик.

Девојката на Макс Мара за следната сезона е урбана, лежерна, спортска, но истовремено и елегантна дива која што обожува слоевито облекување. По примерот на многу други брендови  и Макс Мара за следната сезона ни предлага во нашите комбинации патиките да бидат задолжителни, без разлика дали носите крзнени, волнени, или пак некои сосема удобни и едноставни спортски парчиња.

Во продолжение погледнете ги новите  парчиња од двете етикети  и инспирирајте се веќе за комбинациите за следната сезона.

Објавено:
31 мај 2014
Категорија: 
Колекции