Погледнете ја пролетната колекција на „Лудус“

8 мај 2019

Брендот „Лудус“ зад кој твори младиот дизајнер Драган Христов, неодамна ја презентираше најновата, пролетна колекција.

Насловена е како „Post-gender I“, се работи за безродова колекција, а парчињата се изработени од стопроцентни природни материјали - памук, лен, свила и рециклирана кожа.

Идејата за општество сместено во иднината каде ги нема постоечките бинарни родови улоги е основата за колекцијата насловена како „Пост-родовост - Поглавје I". Замислена како утописка ослободителна визија, авторот размислува за социо-културните импликации и директните односи со модата. Колекцијата е всушност составена од два дела, две поглавја, чијшто дијалог е фокусот на работата на етикета Лудус годинава.

Првото поглавје се состои од 20 целосни изгледи и над 50 парчиња облека изработени од природни материјали како памук, свила, лен и памучен сатен во препозатливите издолжени силуети, во монохромна или неутрално обоена палета. Главните производи на Лудус се памучните кошули, панталоните и мантилите и тие ја продолжуваат приказната започната со претходните колекции истовремено подигајќи го квалитетот на продуктот со неочекувана моделарска база и недекоративни функционални елементи.

Фотографијата за кампањата за оваа колекција е на Маријо Жупанов, соработник на брендот од Словенија, Мартина Ивановска е задолжена за шминката и фризурите и асистентот Ивана Секулоска. Моделите беа пронајдени преку кастинг на социјалните медиуми минатиот месец. Продукцијата на видеото е на Мирослав Илиќ.

Дизајнерот и овој пат останува доследен на одрживата и совесна мода. Во колекцијата доминираат мантили, кои се комбинираат со панталони, кошули и фустани. 

Истата е достапна и за купување на официјалната страна на брендот, а во продолжение погледнете ги креациите:

Објавено:
8 мај 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
339 пати