Помеѓу елеганцијата и гранџот - есенска урбана колекција на Springfield

22 август 2014

Eсента доаѓа со своите топли тонови кои асоцираат на моменти на удобност и лежерност. Моделите од женската колекција на Springfield го надополнуваат  ова чувство на удобност со употребата на природни, земјени бои и многуте модели на топли палта и наметки.

Неколку трендови се носечки во женскиот дел од колекцијата на Springfield за есен/зима 2014. Карираните дезени, типографските елементи и везовите се присутни во комбинација со темно црвена, сина и бела боја, а парчињата се направени од лесни и природни материјали, одлични за стајлинг во повеќе слоеви.

Секогаш во младешки дух, и оваа сезона во колекцијата може да се најдат парчиња инспирирани од класичниот изглед на американските универзитети, па така присутни се карираните кошули, џемпери со апликации и неизбежниот џинс.

Како спротивност на ваквата “примерна” линија доаѓаат парчињата со современ гранџ изглед, кадешто доминираат темно зелената и црната и моделите со бунтовен, но женствен изглед.

За подоцнежните месеци од сезоната, Springfield ветува чувство на топлина со плетени парчиња и палта, топли тонови дополнети со текстури,  а носат и нишка на романтика во себе.

Машките модели сезонава се лежерни и секојдневни парчиња со  “скини” силуета, особено кај панталоните.Црно-белата комбинација и мешањето на модерни со природни материјали, доловува едноставен и современ изглед, зачинет со додатоци како таканаречените “beanie” капчиња.

Најголем дел од колекцијата се базира на релаксиран, урбан стил, удобни линии и ефекти  со меки тонови врз материјалите. Боите кои доминираат се сивата (особено кај парчињата од тексас), зелената, белата, црната и бургундско црвената, a најзабележливи модели се бомбер јакните, спортските чевли и “jogger” панталоните.

Парка јакните  оваа сезона доаѓаат во пократка верзија, па не само што се топли, туку се исто така практични, а серијата на палта е надополнета и со модели со крзно во свежи бои, како портокаловата.

 

 

 

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Колекции