Пролетта доаѓа со редизајн на Вивиен Вествуд

20 јануари 2021

Ако не сте имале прилика да носите некои револуционерни парчиња на Вивиен Вествуд бидејќи нејзиниот бум се случил многу пред вашето време, славната британска дизајнерка ќе ви го овозможи тоа. 

Нејзината пролетна колекција за 2021 година е своевидна ретроспектива на некои нејзини досегашни парчиња. Па така, дизајнерката која го вметна панкот во високата мода, сега ги враќа карираните плисирани (мини) здолништа кои беа популарни во 70-те години на минатиот век. Корсетите од 18 век на кои Вествуд им даде фантастичен пресврт во секојдневната гардероба, повторно го наоѓаат своето место под сонцето во 2021. 

Невестинскиот фустан во зелена боја со принт од 2008, ја покажа јасната љубов на Вивиен Вествуд кон живописниот принт. Овој пат, за инспирација ги беше позајмила сликарските дела на Криси Хинди, па истите беа имплементирани на цели фустани, една ногавица, еден ракав. Потполно во стилот на Вествуд.

Чевлите на платформа од најновата колекција и оние од 1993

А најмногу во нејзин стил беа мрежестите хулахопки и  сините чевли на платформа со потпетица од дури 30 см кои Наоми Кембел ги носеше во 1993 на модната писта. Овие “крајно“ удобни обувки, но во црвена боја своевиден печат на новата колекција. 

Што се однесува до боите присутни во колекцијата, дури и во време на пандемија, на фронтот на Вествуд никогаш не е здодевно. Карираниот принт е пристуен, најчесто со примеси на сива, црвена или виолетова.

Црвената е доминантна, а присутни се и сини, тегет, зелени, розови парчиња. А и самата фотосесија за потребите на оваа презентација е направена токму на вивидни позадини кои дополнително го истакнуваат контрастот. 

За љубителите на минимализмот кои ќе залутаат на нејзинава шаховска табла, Вествуд нуди неколку среќни решенија во форма на црвени фустани или црни/тегет костуми.

Естетиката на Вивиен Вествуд може да ја сакате или воопшто да не ја сакате. Средина скоро и да нема. Нејзиниот “растргнат“ крој го прави класичниот мал црн фустан погоден за љубителите на Вествуд. Нејзиниот панк шарм вметнат во кусите здолништа и откачените ракави ги туркаат границите на конвенционалното.

Но, мора да се признае дека многу соодветно ја прави симбиозата меѓу она бунтовното во панкот и женственото во романтизмот. Таа е една од оние дизајнери кои ќе кренат бунт во модата кога тоа повторно ќе ни биде потребно. 

Објавено:
20 јануари 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
226 пати