Талентираниот Оливие Рустенг ја објави првата колекција откако минатиот месец Балман беше продаден за 550 милиони долари на катарската компанија Мајхола, инаку сопственик на брендот Валентино. 

Иако препознатливиот секси печат на Рустенг е повторно присутен кај сите парчиња во колекцијата, видливо е дека неговото творештво тргнало во малку поинаков и полежерен правец.

„Не можам да ги кажам сите детали, но можам да кажам дека одиме кон тоа да го прошириме брендот уште повеќе кон светот.

Тоа е нешто што едвај чекам да се случи и многу се радувам за истото“, изјави дизајнерот кога беше објавено дека брендот го купила катарската компанија.

Како што самиот ќе појасни, во оваа колекција се вметнати малку порелаксирани, волуменозни парчиња за уште поголема удобност на жената.

„Оваа колекција целосно го опишува она чувство кога си на плажа и чекаш зајдисонце и мислиш дека ноќта никогаш нема да заврши“, вели Оливие.

Неговата ресорт 2017 колекција тој ја претстави преку едиторијал составен од 35 фотографии направени во вечерна атмосфера на плажа пред зајдисонце.

Како и досега, младиот дизајнер создаде супер секси фустани што ја следат линијата на телото, ѕвонарки со секси отвори, многу плетени и колоритни парчиња, стилски јакни, но и многу кафтани, широки палта и секогаш совршени додатоци.

Палетата на бои варира од темно сина, маслинесто зелена и црвена, па сѐ до сите бои на виножитото кои се препознатлив тренд кај годинешните ресорт колекции.

Иако можеби несоодветни за летово, младиот дизајнер во колекцијата смести и карирани парчиња, кои ги оправда со совршени бели.

Резервирањето на голем број од парчињата од колекцијата од стилистите на познатите, докажува дека без разлика што и да се случи, иднината на Балман е и повеќе од сигурна.

 

Објавено:
1 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
689 пати