Ралф Лорен и Келвин Клајн ја затворија модната недела во Њујорк

13 септември 2013

NYFW

Модната недела во Њујорк заврши со колекциите на едни од најголемите модни имиња, Келвин Клајн и Ралф Лорен.

Во изминатите седум дена се претставија голем број креатори, некои познати, некои помалку познати, но сепак за почит бидејќи ја споделија својата работа и мисла со светот за тоа како треба да изгледаме во пролет 2014.

Во поглед на иновативноста се чини немаше големи изненадувања. Дел од трендовите што ги имавме оваа пролет, ќе продолжат и следната. Белата боја како и црно-белите комбинации се нешто што се чини никогаш нема да излезе од мода. Цветните принтови се се уште актуелни, како и дезените. Металниот сјај повторно се враќа на голема порта, а и романтичарските мотиви.

Она што е новото се идеите за комбинирање и носење на парчињата поединечно. Макси здолништата малку ќе ги одмориме бидејќи мини должините се враќаат во центарот на вниманието. Комбинизоните ќе продолжат да бидат актуелни, како и кратките топови, кои и понатаму се кратки, но сепак подолги од оваа пролет и лето на изминување.

Кога се боите во прашање посебо се истакнаа земјените нијанси, а ни зелената не е помалку актуелна, особено минт варијантите.

Како Келвин Клајн и Ралф Лорен ја замислуваат модата во пролет следната година, покажаа на последниот ден од оваа голема модна манифестација.

Кај Клајн доминираат острите кроеви и минимализмот. Спектарот на бои се сведува на црна, бела и зелена. За разлика од него Ралф Лорен има широк спектар на интензивни бои, а колекцијата е вистинско богатство на искомбинирани дезени.

Објавено:
13 септември 2013
Категорија: 
Колекции