Ресорт колекцијата на „Каролина Ерера“ одлична за летни забави

24 јули 2020

Од насловот веројатно си помисливте дека за летните забави оваа година може само да сонуваме. Сите свечености и настани се одложија за следната година.

Но, токму и за следната сезона се најновите парчиња кои дел од дизајнерите одлучија да ги презентираат периодов.

Вес Гордон, кој ја наследи Каролина Ерера на функцијата уметнички директор на модната куќа, свесен за атмосферата во светот и ситуацијата, создаде колекција за која ќе каже го инспирирале сонувачите и соништата.

Според него, без разлика што во моментов светот е во тешка состојба, сепак не треба да се откажеме од соништата и тоа посебно оние во боја.

Токму затоа, тој одлучува во 20-те комбинации од ресорт колекцијата да вметне боја и сјај, со цел да нè потсети на тоа дека доаѓаат добри денови, а и во секојдневието да вметне боја.

Првите парчиња се од џинс и совршени за секојдневието, но остатокот од колекцијата е како создаден за летни забави.

Со оглед на тоа дека многу од свадбите се откажани токму за следната година, дизајнерот одлучи да игра паметно. Некои од проверените модели во бела варијанта, сега ги понуди во друга боја и ткаенина, имајќи ја на ум неформалноста кон која сите се приклонуваат.

Така, металик свечени фустани, карнери со точки во црно-бела комбинација, портокалови креации со панделки се овој пат предлогот на Гордон.

Женственоста и класичноста се провлекува кај повеќето од нив, за што инспирацијата ја пронашол токму во стилот на Каролина Ерера од младите денови.

Последното парче е бел краток фустан од тантела со вел, како предлог за неконвенционален невестински изглед.

Погледнете ги и останатите креации:

Објавено:
24 јули 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
669 пати