Ресорт Валентино: различни култури претопени во една колекција

17 јуни 2015

Префинета неоптеретеност и слободен дух преовладува во новата ресорт колекција на големиот Валентино, инспирирана од генијалната Дијана Вриланд.

Се’ е перфектно сублимирано во една еклектична линија која ја слави мултикултурата.

„Не’ интересира идејата за хармонијата која ги обединува различните светови, и која креира современа естетика“, велат од Валентино алудирајќи на многубројните музички фестивали.

Различни инспиративни идеи се „стопени“  во една софистицирана колекција во која едноставните  силуети се оплеменети со деликатни и префинети декорации врз транспарентните материјали. Иако преовладуваат флоралните мотиви кои потсеќаат на рајска градина, сепак не се изоставени и геометриските форми извезени во индијански симболи.

Целата колекција „дише“ во еден хиперкреативен фазон, а сепак без претерувања и наметливост.

Неизбежно застапени се долгите романтични фустани препознатливи за Валентино, но и широките панталони комбинирани со транспарентни кошули, краток топ и шорцеви, палта со тричетврт  ракави... Совршено!

Објавено:
17 јуни 2015
Категорија: 
Колекции