Првиот човек на единствените Барбери, Кристофер Бејли секогаш има одличен слух за новите британски музички надежи, па така овој пат го одбра прекрасниот Jake Bugg да ги забавува гостите на неговата ревија во рамки на лондонската модна недела.

Бејли повторно ги разгали сите негови обожаватели со неверојатно добра колекција во која прикажа ретро глам – рок парчиња со моменти што неодоливо потсетуваа на стилот на големиот Дејвид Боуви на кој се чини дизајнерот сакал да му оддаде почит.

Сосема нормално, ревијата ја отвори неговата миленичка и британска ИТ девојка Иди Кемпбел која се појави со фризура слична на онаа на музичарот, облечена во зелено кусо фустанче со фантастичен принт, хулахопки со дезен и секогаш совршено скроен капут.

Ревијата продолжи во тој стил, со неговите омилени модели кои ги носеа парчињата што Бејли ги подготви за следната есен.

На пистата можевме да видиме фантастични фустани со уникатни принтови и гламурозни светки, кожени палта со животински принт, ретро плетени фустани со големи јаки и пруги, oversize јакни со крзно, панталони со висок струк во комбинација со шармантни кошули со цветови и уште многу други парчиња во кои сите се заљубија.

Во негов стил, преку парчињата тој ја покажа фантастичната рачна работа на неговиот дизајнерски тим, прикажувајќи куси фустанчиња со интересен крој и пресеци, целосно рачно везени и комбинирани со бројни материјали и бои.

Во рамки на есенската колекција, тој прикажа и неколку машки модели, овој пат малку посмирени од она на што сме навикнати, односно супер street style комбинации составени од ретро тренерки, бомбер јакни, фармерки со едноставен крој, карирани капути, шик блузички и тренди патики што ги смести во речиси секоја комбинација.

Како што се очекуваше, неговата ревија беше најпосетената на лондонската модна недела со гости во првиот ред како Оливија Палермо, Роси Хантингтон Вајтли, Алекса Чанг, Суки Ватерхаус, Марио Тестино, Елена Перминова и уште многу други, кои изгледаа одлично во креации од неговата нова колекција.

Погоре во галеријата задолжително погледнете ги сите модели од есенската колекција на Барбери, а секако не заборавајте го и видеото од одличната ревија.

Објавено:
23 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
539 пати