Роденденската ревија на Ланван го одбележа третиот ден од Париската модна недела

26 септември 2014

Третиот ден од модната недела во Париз остана во знакот на Ланван и нивниот јубилеј, 125 години постоење. Но, за овој ден да биде уште поинтересен придонесоа и Нина Ричи, Карвен, Рик Овенс, Пако Рабан, Ролан Муре. А што презентираа тие, погледнете во продолжение:

Ланван

Роденденска ревија

collage1

Албер Елбаз вели дека знае дека фустанот е добар кога ќе го види лицето на моделот. Затоа и го гледа само лицето, не фустанот. А ако судиме по тоа, изгледа дека креативниот директор на Ланван е задоволен од она што се прикажа на вчерашниот, трет ден од модната недела. Но, оваа ревија беше посебна за брендот бидејќи ја одбележа 125 годишнината од работењето на куќата. А темата на колекцијата беше „Се' или ништо“. А еве како таа беше претставена на пистата: Ревијата започна со варијации на фустан-маица изработени од жерсе - на едно рамо, со патент, копчиња, со ремен....

collage2

 

Кога се боите во прашање, тегет-белата комбинација доминираше во првиот дел, а токму со тој класичен пристап Елбаз сакаше да потенцира на силната, едноставна, драматична Ланван жена. Продолжи со тоа расположение , реинтерпретирајќи ги класиците што тој ги креираше низ годините за овој бренд. Така, следеа распарани, „закрпени“ парчиња, што оддаваа впачаток на намерна недовршеност. Текот на ревијата продолжи со парчиња од свила и тантела, што може да се толкува како хибрид од естетските изрази на Ланван и Елбаз. Креативниот директор инспирацијата ја најде во архивите, а употреби и темен брокат, како и ткаенини со придушен сјај. Низ годините Ланвин, а и Елбаз успеваа да ги завршат ревиите со чувство на воодушевување кај публиката, а ниту овој пат не беше исклучок, во што помогнаа и звуците на „Dancing in the Street“.

Рик Овенс

Девојка од шумата

collage1

„Мрачниот волшебник“, Рик Овенс размислувајќи  за идната летна сезона, се повлекува под длабоките сенки на зелената шума. Така ја создава девојката која мимикрира со природното опкружување на еколошкиот свет облечена во земјени тонови со варијација помеѓу бакарна, маслинесто зелена, кафеава, сива и бела.  Се добива чувство дека целата колекција „лебди“ благодарение на користените лесни  материјали, особено тул, во слоевитото дефинирање на доминантните А форми на моделите. Колекцијата е контролирано волуменизирана, со архитектонски детали кои и даваат естетска „тежина“ на „леснотијата“, особено екстремните дрвени високи платформи на чевлите кои спојуваат праисториска инспирација со футуристички финиш.

collage2

Нина Ричи

Романтичната нота на 40-те години

collage1

Светлата, романтичната и женствената страна на поствоениот период во 40-тите години е интерпретирана во пролетно-летната колекција на Нина Ричи за 2015 година.

Колку што се женствени кроевите на моделите со нагласената половина, високите шлиц-отвори и миди здолништата, исто толку женствена е и палетата бои која во најголем дел се сведува на пастелни нијанси, различни тонови на розова, портокалова, беж, сина...

Линијата започнува со дводелни варијанти на женствени силуети, некаде во средината продолжува со похрабар избор на текстури и кожени елементи, а финишира со лелеави црни, транспарентни тоалети облагородени со богата тантела.

collage2

Пако Рабан

Дизајнерска модификација на униформите од различни спортски дисциплини

collage1

Веќе ја имаме глобалната слика за идната летна сезона, а несомнено впечатокот е ист: спортската елеганција е продолжен ултимативен тренд. Своја дефиниција во овој контекст даде и Пако Рабан.

Линијата е модифициран спој на униформите од различни спортски дисциплини. Па така, ќе видиме варијанта од  јога хеланки до сурферски одела. Младешкиот спортски дух се забележува во асиметричниот спој на различни текстури и материјали поврзани во нослива удобност.

collage2

Карвен

Модерна Формула 1 девојка

collage1

Ако парчињата на Карвен ве потсетија на спорт, тогаш дизајнерскиот тим во Карвен успеал во намерата. Клучната референца за создавање на колекцијата се униформите на возачите на Формула 1. Така, на пистата изобилуваа патенти, бајкерски шорцеви, ПВЦ-палта и фустани во А-крој, а покрај големите чанти, еден од главните модни додатоци беа и кацигите.Принтовите, како и елементи од тантела беа застапени, а кога се боите во прашање, дизајнерскиот тим се одлучи за комбинација од црна, жолта, бела и црвена како за добитна.

collage2

Ролан Муре

Живописна спортско елегантна колекција

collage1

Темата на колекцијата беше идентитетот на брендот. Имајќи го предвид талентот на дизајнерот, очекувањата беа големи, а според реакциите се исполнети. На пистата прошетаа модели во фустани со комплексна структура, што не е изненадување со оглед на тоа дека Муре често си игра со мешање на материјалите. Она што беше вистинско освежување се интензивните бои, особено ако забележиме дека повеќето досегашни ревии на париската модна недела се обоени во темни бои. Дел од моделите имаа спортска нота, присуството и начинот на кој се искористени патентите даваат дури и футуристичко чувство. Во секој случај, Муре го оправда мислењето дека е еден од најталентираните дизајнери на фустани.

collage2

Објавено:
26 септември 2014
Категорија: 
Колекции