Роксанда Илинчиќ: Шик парчиња обоени во шаренило

13 јануари 2015

Како што и досега навикнавме, одличната Роксанда Илинчиќ во новата пред – есенска колекција за 2015 – та година, прикажа софистицирани чисти волуменозни форми во фасцинантен колоритен колаж.

Самата дизајнерка ќе каже, инспирација за женствената колекција црпела од едноставните линии на скулпторот Ричард Сера и од колажите на канадскиот артист Лори Канг.

Парчињата дизајнерката овојпат ги создаде од неверојатно нежно и шармантно букле што успеа да го трансформира во тренди џемпери и фустани во прекрасна палета на бои.

Во пред – есенската колекција таа подготви парчиња за сечиј вкус почнувајќи од шик волуменозни здолништа со висок струк и ремен на половината, па сѐ до тренди комбинезони и свечени фустани со интересни апликации.

Особен впечаток дефинитивно оставија и деликатните розови фустани од свила украсени со 3Д парчиња по површината. Талентираната дизајнерка со српско потекло креираше и совршено скроени женски костими во елегантна црна боја, но и такви составени со широки розови килоти и палто нагласени со ремен во златна боја на половината.

За прв пат во оваа колекција, дизајнерката употреби и кожа и направи вистински интересно парче во вид на пеплум блуза со фалти во долниот дел во нежна, розова боја. Одличен беше и целосно кожениот фустан со фалти што беа обоени во виолетова и портокалова боја со златен ремен на половината.

Во однос на вечерните парчиња, Роксанда понуди мало црно фустанче на куси ракави, потоа двобоен комбинезон, интересен фустан до колената во црна и крем нијанса, но и една сосема луксузна тоалета со софистицирани и раскошни детали.

Особено внимание предизвикаа и чевлите што дизајнерката ги смести во сите комбинации, а за кои веруваме дека ќе има огромен интерес и побарувачка.

Уште еднаш, креативната Роксанда докажа зошто е една од дизајнерките чии креации светските ѕвезди допрва ќе ги посакуваат.

Објавено:
13 јануари 2015
Категорија: 
Колекции