Модната недела во Париз викендов беше навистина возбудлива. Своите колекции за есен односно пролет 2019 ги презентираа голем број звучни модни имиња. 

Меѓу нив беше и Томи Хилфигер. Тој Њујорк го смени за Париз, а токму пред оваа публика ја претстави пролетната колекција која ја работеше заедно од младата ѕвезда Зендаја.

Ако ги разгледувате модните парчиња, ќе видите дека дизајнерот имал и подобри колекции. Џинсот секако доминираше, маиците со принт, парчињата од кожа, како и плетените светкави креации. Кроевите се едноставни и познати.

Но, инспирацијата за оваа колекција, како и моделите кои се појавуваат, прават оваа модна приказна да биде една од највпечатливите на модната недела.

Зендаја и Томи изјавија дека инспирацијата доаѓа од модното шоу од 1973 година насловено како „Battle of Versalles“, првото шоу во кое се појавуваат манекенки со афроамериканско потекло. Тоа шоу не само што ја слави различноста, туку е значајно за кредибилитетот на американската мода, која се сметала за инфериорна во однос на француската. Истото е одржано во Франција, па тогаш американските и француските дизајнери „си ги одмериле силите“.

Токму за тоа шоу, биле повикани 10 американски модели со афроамериканско потекло и се здобиле со статус на икони. Тајра Бенкс, Бетан Хардисон и Пет Кливленд, која ги воодушеви сите со својот танц на сцената, се едни од тие 10 жени кои се појавија таа 1973 година на пистата, а и викендов на ревијата на Хилфигер.

Дизајнерот ги стави инклузивноста и пораката во преден план. На пистата, која патем потсетуваше на диско, што е логичен чекор ако се земе предвид дека 70-тите се инспирацијата, прошетаа 59 црни модели, од 18 до 70 години, од оние со облини до оние со типично манекенска градба. 

-Колекцијата е славење на различноста, но и на жените кои ми овозможиле да бидам денес тука, овозможиле мојот пат да биде полесен - изјави Зендаја. 

Шоуто го затвори и на некој начин го украде, фантастичната Грејс Џонс. Седумдесетгодишната пејачка на пистата излезе танцувајќи во ритамот на нејзиниот хит „Pull Up to the Bumper“ од 1981 година и сите ги воодушеви со својот изглед.

Со својата егзотична убавина, слободата на движењето и естетското изразување, како и совршеното тело и во осмата деценија од животот, таа уште еднаш потврди зошто е една од најголемите ѕвезди кои се појавиле.

По нејзиното појавување, на пистата се појавија останатите модели, облечени во џинс и маички, а потоа и Томи и Зендаја. Оваа саботна диско журка е сепак порака дека убавината треба да се слави и дека таа доаѓа во сите облици и на сите возрасти, што треба да биде посебна мотивација и инспирација за генерациите што доаѓаат. 

Објавено:
4 март 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
2.039 пати