После богатата викенд агенда, модната недела во Париз понеделнички продолжи во исто темпо.

Денот започна со шоуто на Стела Мекартни, која понуди мноштво плетенини и кариран принт, што и се очекува од неа. Тие доминираа во првиот дел од ревијата, а потоа во фокусот беа здолништа со асиметричен крој. Сепак, една од највпечатливите креации е онаа со кончен топ и реси. Крајот на ревијата го одбележаа сексапилни фустани во интензивни бои. Нослива и сигурна колекција на Мекартни.

Стела Мекартни

А тоа може да се каже и за колекцијата на Ермес. Тие се одлучија за сигурни црно-бели комбинации, фустани и пеплумот. Карираниот дизајн и овде е во игра, а од материјалите најзастапена е кожата, во повеќе нејзини облици. И покрај женствените, но сепак смели комбинации, Ермес одлучи да ги „одмори“ високите потпетици, па голем број од креациите беа искомбинирани со патики.

Ермес

Капутите со риги, комбинезоните и дел од фустаните сепак беа во интензивни бои, меѓу кои црвена, жолта и сина, со што се избегна црно-белата монотонија.

Затоа, кај Соња Рикел не недостасуваше боја. Пролетната колекција на оваа дизајнерка изобилува со раскошно крзно, свила и многу светки. Некои ќе кажат, оваа колекција го отсликува гламурот на Париз некогаш. И иако на прв поглед можеби комбинацијата на материјали и боја ви изгледаат како премногу силни и шарени, сепак светките одлично се вклопија со плисираните здолништа, а ни се допаднаа и плетените фустани, како и оние со реси и карнери. Крајот го одбележаа свечените тоалети, а фустаните во црна боја, кои постојано се провлекуваа, го смируваа темпото.

Соња Рикел

Модната куќа Сен Лоран беше последна на агендата вчера, и ревијата беше проследена со големо внимание, но според многумина Хеди Слиман овој пат потфрли. Комбинациите слични на оние што можат да се видат на Гластонбери, не го задоволуваат нивото на Сен Лоран.

Сен Лоран

Според критиките, Слиман не смеел да си дозволи повеќе исти креации да пушти едно по друго на писта. Свилените фустани како ноќници, не предизвикаа чувство на сексапил, туку на досада.

Сен Лоран

Дали оваа замисла на дизајнерот за тоа како треба да изгледа жената следната пролет ќе се одрази негативно не само врз него, туку и модната куќа, останува да видиме.

Објавено:
6 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
489 пати