Со најновата колекција на дизајнерката Јована Филиповиќ вчеравечер во Салонот „Порше“ Македонија беше отворено јубилејното, 15 – то издание на Моден викенд Скопје.

Сите парчиња што дизајнерката ги претстави во рамки на нејзината нова колекција беа инспирирани од водата која впрочем беше и нејзин главен мотив.

„Жената е како водата. Едноставна, единствена, ладна, мирна, брановита. Наизглед мирна, а незамисливо моќна. Токму таква е и колекцијата. Сензуална, минималистичка и едноставна на изглед, а сепак секое парче е посебно, уникатно и моќно. Нијансите кои произлегуваат од длабочината на океанот се пресликани во флуидните и лесни модели, бои и текстури“, вели дизајнерката Филиповиќ која со оваа колекција ја слави петгодишната соработка со „Пелистерка“.  

На пистата можевме да видиме свилени кошули комбинирани со куси панталони, па сѐ до елегантни фустани кои ја следат линијата на женското тело.

Ревијата дизајнерката ја отвори со комбинација од бели куси панталончиња и свилена кошула – пижама, за да продолжи во сличен стил прикажувајќи парчиња изработени од претежно лежерни и лелеави материјали.

Дел од нејзината колекција повторно беа и палтата и женските панталони по кои таа е и впрочем позната, овој пат во ведри бои како бела, нежна златна, сина и други кои неодоливо потсетуваа на пролет.

Филиповиќ прикажа и долги елеци во нежни бои, корсети, лелеави здолништа и широки кошули, тесни фустани со украси на рамената, наметки во интересни бои и женски костими, а најголемиот дел од парчињата беа комбинирани со куси панталони.

Она што го задржа вниманието на присутните беше одличниот накит од „Еклектика“ зад кој стојат Моника Лозановска и Александар Милев кои инаку се познати по интересните модни додатоци што ги изработуваат.

Во комбинација со креациите на Филиповиќ, девојките носеа впечатливи алки на рацете со уникатни украси, кружни и обетки во други интересни форми, како и ланчиња поставени на грбот.

Она што оваа година беше поинакво, беше просторот во кој овие три дена ќе се одржува Модниот викенд Скопје, а кој сам по себе донесе една сосема поинаква атмосфера.

Првата вечер продолжи со ревиите на „Сигма“, Емира Имери и „Алшар“, по што следеше и забава за отворањето во салонот на „Порше“ Македонија.

Објавено:
1 април 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
571 пати