Ако некогаш сте посакале да ги видите сите оние исклучително талентирани луѓе кои стојат зад одличните креации на големите Шанел, сега имате можност да го направите тоа.

Во рамки на неделата на висока мода во Париз, брендот ја прикажа новата колекција на писта на која ги смести и сите негови луѓе кои работат во ателјето.

Со тој гест, Карл Лагерфелд им оддаде почит на сите оние кои пред секоја ревија поминуваат безброј часови во ателјето и кои мораат совршено да го изработат секој еден детаљ за креациите.

„Мислев дека ќе биде супер идеја дел од шоуто да бидат сите луѓе од ателјето, за да може светот да види колку е значаен и неверојатен тој занает. Мислам дека сите треба да се запознаат со тие луѓе“, изјави Лагерфелд по завршувањето на ревијата.

Во новата колекција тој претстави уште една класична црно – бела Шанел приказна со по некое парче во друга боја како црвена и нежно розова. Како и секогаш, кога се материјалите во прашање дизајнерот употреби твид и штоф по кој модната куќа е препознатлива години наназад.

Покрај фантастичните материјали, низ парчињата можевме да видиме и богатство текстури и бројни везови, златни апликации и интересна техника на плетење.

Секое од парчињата повторно беше неодоливо женствено, но дизајнерот си поигра со кроевите на машки костими прилагодени на женското тело и многу други интересни форми.

Во дел од колекцијата можевме да видиме и нагласување на половината кај некои парчиња и интересни изработки во пределот на рамената, со што беше најавен и еден од најголемите трендови за оваа есен.

Многумина ќе кажат дека со гестот што Лагерфелд го направи за своите вработени, светот ќе дознае дека високата мода не е само богата жена во скап фустан, туку и многу повеќе од тоа.

Објавено:
6 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
216 пати