Ако судиме по првите ревии од модната недела во Њујорк, каде се претставуваат колекциите за следната пролет, ќе ве израдуваме со веста дека сè што носевте оваа сезона на изминување, а веќе го пакувате, ќе биде актуелно и за пролет 2016.

Принтот повторно ќе биде во центарот на вниманието. Цветните мотиви не доминираат премногу, но повторно се застапени. Тантелата нема да си замине наскоро, а светлите и пастелни нијанси се императив.

Тадаши Шоџи

Во зависност од сензибилитетот на дизајнерите и модните куќи, на стартот на оваа модна недела видовме едноставни кроеви, со умерени комбинации на бои како во колекцијата на Тадаши Шоџи, или Зак Посен, но и еклектичност во голема мера како во колекцијата на BCBG Max Azria, каде воочливо беше и присуството на етно мотиви.

BCBG Max Azria

Но, ако сте вистински вљубеник во модата или моден инсајдер, тогаш оваа информација може и да ве разочара. Сите вие што се надевавте дека следната пролет ќе донесе нешто ново, свежо, или пак старо но заборавено и сега обновено, веројатно ќе бидете по малку разочарани.

Бесконечноста на модните комбинации што можете да ги правите дава можност никогаш да не е здодевно, но почетокот на модната недела во динамичниот Њујорк не беше ветувачка.

Мариса Веб

Следните денови се очекуваат ревиите на Џејсон Ву, Ерв Леџе, Алтузара, Александар Ванг, Викторија Бекам, Дајан фон Фурстенберг, Џени Пекам, Прабал Гурунг, Каролина Херера, Томи Хилфигер, Ралф Лорен, Келвин Клајн, Марк Џејкобс и други, па најдоброто допрва следува.

Zac by Zac Posen

Објавено:
11 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
921 пати