Откако пред три години Ентони Вакарело дојде во Сен Лоран, постојано го истражуваше минатото на компанијата и во речиси секоја колекција вметнуваше нешто старо, нешто кусо и нешто тотално шик.

Така беше и со новата колекција во која смести фантастични парчиња што едноставно секоја жена би посакала да ги има во нејзиниот плакар.

Дизајнерот на пистата прикажа парчиња со строг крој, изработени од неверојатни материјали, со акцент на рамената.

„Сите парчиња што ќе ги видите вечерва се направени рачно. Во нашата фабрика дополнително, само ќе ги усовршиме“, изјави дизајнерот.

Тој ќе каже дека сакал да претстави жена што не војува, но жена што е неверојатно силна, бестрашна.

На пистата навистина видовме шик парчиња за силни жени – куси пантални кмбинирани со транспарентни блузи и фантастични јакни со везени детали, крзно и шапки како додатоци.

Познат по совршено скроените палта, дизајнерот и овојпат ги израдува дамите со такви парчиња во претежно црни и сиви нијанси, секако нагласени кај рамената и ултра впечатливи.

Прикажа и куси фустанчиња од уникатни материјали со панделки или еден ракав, а сосема на крајот, иако веќе ја придоби публиката, триумфираше со стилски парчиња прикажани под флуоресцентно светло.

Инфо и фото: Vogue.com

Објавено:
28 февруари 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
423 пати