Силната и доминантна жена во фокусот на есенската колекција на Трусарди!

3 март 2015

Креативната директорка на Трусарди групацијата, Гаја Трусарди уште еднаш докажа дека навистина е девојка со истенчен вкус презентирајќи ја нејзината есен/зима колекција за 2015 година.

Ревијата таа ја отвори прикажувајќи фантастичен долг мантил во кафена боја комбиниран со фустан до колената и чизми до над глуждовите во иста нијанса.

Како што одминуваа креациите, младата и талентирана Гаја на пистата ни понуди кожени здолништа до колената комбинирани со палта, потоа топли плетени фустани во неодолива сива боја, многу крзно кај палтата, а особено впечатливи беа панталоните до глужд со висок струк и превртен дел кај струкот.

На пистата на Трусарди покрај кожените парчиња, дефинитивно преовладуваа и плетениците, па така можевме да ги видиме во најразлични форми како интересни и топли ролку со дезен, потоа тесни здолништа со висок струк, но и одлични фустанчиња нагласени со ремен на средината.

За есенските вечери, од брендот предлагаат вистински елегантни комбинации во кои жените дефинитивно ќе доминираат следната сезона.

Дел од нивната колекција беа и металик фустанчињата со тенки прерамки, потоа комбинезоните изработени од истиот материјал, како и кожените фустани до колената со долги ракави комбинирани со тренди получизмички со висока потпетица.

Од брендот за следната сезона понудија и интересни крзнени модни додатоци како фантастични чанти во кафени нијанси со крзно како додаток, потоа интересни ремени, но и одлични чизмички до глуждовите во супер есенски нијанси.

Едно е и повеќе од сигурно, низ целата колекција на Трусарди се провлекува силната и неверојатно доминантна жена која секогаш знае да го одбере најдоброто!

Објавено:
3 март 2015
Категорија: 
Колекции