Софистицираната сексапилност на брендот на Дојака блесна на ревијата во Лондон

19 септември 2022

Албанската модна дизајнерка, Ненси Дојака (28), која за кратко време постигна неверојатен успех и си обезбеди огромна база на обожаватели, вчеравечер одржа ревија во Лондон и ја претстави својата Ready To Wear колекција за пролет 2023 година.

Креациите на Дојака продолжуваат да се издвојуваат по својата софистицирана сексапилност и префинетост, и покрај плимата на копии кои се појавија на масовниот пазар, откако дизајнерката го лансираше својот бренд за време на карантинот во екот на пандемијата со коронавирусот.

Последната ревија на Дојака е само уште еден доказ за успешноста на брендот на младата дизајнерка, за која е специфично тоа дека повеќе се фокусира на ткаенината наспроти концептите или наративот.

Фото: Vogue

Нејзината работа е еволутивна и речиси никогаш не се базира на некоја одредена тема, а нејзиниот микро-фокус е ставен на врвно вклопување и усовршување на убавината на секое парче облека, без разлика на тоа дали станува збор за долна облека, деликатни нежни градници, мали кратки пантолони, гранџ јакни, одела, фармерки или слип фустани.

Фото: Vogue

Фото: Vogue

И овојпат во фокусот на Дојака е користењето на тантела и шифон, како и светкавите квалитети на сребрените лурекс текстури и шифон, кои блеснаа во полн сјај на белата позадина, зграпчувајќи го целосното внимание на сите присутни гости на модната ревија.

Инаку Ненси Дојака, чии креации ги облекоа ѕвездени имиња, како Бела Хадид, Каја Гербер, Зендаја, Ема Вотсон, Дуа Липа, Емили Ратајковски, Бијонсе и многу други познати жени, своето образование го добила во престижниот Сент Мартинс во Лондон, каде што сега живее и работи. Нејзиниот бренд е препознатлив по секси парчињата облека кои изгледаат како да се скроени за секој тип на тело. Поради комбинацијата на цврсти и проѕирни материјали и стратешки поставените кроеви, изгледаат како совршен спој на долна облека и регуларни парчиња облека.

Фото: Vogue

Погледнете како изгледаат последните креации на Ненси Дојака.

Фото: Vogue


Објавено:
19 септември 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
132 пати