Спектакуларна ревија на Живанши во Париз

28 јуни 2014

Француски авион со четири седишта од 1964 година на компанијата Cessna „експлодираше“ на парчиња на ревијата на модниот бренд Живанши овој петок во рамки на париската модна недела за мажи.

Инсталацијата беше дело на данскиот артист Пол Верод и иако изгледаше сосема интересно со деловите од авионот што висеа на железни јажиња над пистата, многумина не беа сосема сигурни што сакаше дизајнерот да прикаже.

 

Од една страна, можеби Рикардо Тиши со самата инсталација сакаше да ја прикаже притаената воена страна на моделите од новата колекција, или пак едноставно тоа беше негов начин да ја прикаже бунтовната страна на еден млад дизајнер што секогаш сака да чекори надвор од границите!?

Без разлика на тоа, Тиши во неговата пролетна колекција за мажи за 2015 година лансираше одлични модели со многу џебови, војнички јакни, многу црно – бели принтови, одлично скроени машки палта и панталони, но и кошули и блузи со јаки.

Покрај тоа што дизајнерот сакаше да го привлече сето внимание со несекојдневната инсталација на авионот над пистата, тој ги ангажираше и Адриана Лима, Ирина Шајк, Изабели Фонтана и Кендис Сванпул кои се прошетаа на пистата во неколку одлични женски модели од новата, пролетна колекција.

Линиите и кројот на сите модели беа кристално јасни со прави и совршени линии претворени во ултра модерни и тренди машки костими, елеци, кошули и мантили.

Голем дел од парчињата беа украсени со графички принтови, а на некои имаше поставено „предупредувачки“ ленти во црна и бела боја. Низ целата колекција како основни се провлекуваа црната и белата боја, а на некои од парчињата имаше принтови од цветови, но и попрскани црни и бели форми. На некои од транспарентните маички за мажи интересен беше моментот со рачно аплицирани бисери распоредени по површината како на горните делови, така и на панталоните.

Сите модели на главата носеа транспарентни капи од чорапи, а истото беше случај и со женските модели. Што се однесува до оние неколку женски модели што беа дел од колекцијата на Тиши, на пистата прикажаа еден транспарентен фустан со аплицирани бели линии на рамената и на половината, потоа кожен кус фустан повторно со транспарентни делови, но и такви со интересен принт комбинирани со лелеави наметки и палта.

Она што беше особено впечатливо кај женските модели дефинитивно беше шминката на девојките што се состоеше од впечатлива црна линија на очите што им даваше дополнителна драматичност и на самите креации.

Што се однесува до модните додатоци во колекцијата на Тиши, скоро сите модели носеа впечатливи кружни обетки, чорапи на главата и ниски, но и високи чизми со принт кај мажите.

Како и секогаш досега, главната нишка што се привлекуваше низ целата колекција беше мистичноста и драматичноста што Рикардо Тиши толку многу ги обожува!

Објавено:
28 јуни 2014
Категорија: 
Колекции