Старата чаршија ја раскажа новата приказна на Hard to Explain

3 април 2014

Деветата сезона од Моден викенд Скопје и официјално започна. Во амбиентот од Старата скопска чаршија, кај прочуената плетена бандера, стартуваше презентацијата на ревиите од седмичната програма за сезоната пролет-лето 2014.  Со зборовите „бајките постојат за да бидат напишани во боја“ , нараторот кој седеше под отворено небо  меѓу нас во публика,  не воведе во авангардната модна приказна на дизајнерките кои стојат зад етикетата Hard to explain. Двете главни протаготистки од идејата за колекцијата насловена „Раскажувачот“, дизајнерките Марија Дацевска и Кате Попева, претставија едно поинакво модно видување, инспирирани од магијата на чаршијата и животот во неа. Пораката која сакаа да ја пратат преку креациите, беше јасно упатена кон храбрите индивидуалки што од својот стил се издвојуваат од стандардизираните трендови и теркови. Преку игра со форми, слоевитост и волуменозност од текстури, „Раскажувачот“ на калдрместата писта ни претстави една впечатливо театрална и авангардна модна форма, додека пак реинкарнираните форми на кринолините во комбинација со рељефните кратки топови,  алудирааа на бајковитоста и нежната кревка страна на уникатната жена. Тоа што колекцијата не е назначена за која сезонска намена е прилагодена, не претставува изоставување, туку едноставно дека парчињата се создадени за носливост во секој период од годината, односно се без сезонски.

-Се надевам дека подобар дел од публиката ќе се најде во некое од тие парчиња и ќе ги види како носливи. Оваа колекција планираме да има продолжение  како таква за есен –зима 2014/15, а  тоа значи дека тогаш полесно ќе можеме да ја објасниме и доловиме како да ги комбинираат парчињата и во друга сезона.Сакавме преку еден нереален начин да прикажеме реална приказна, ние сме долг период во чаршија, а и поголем дел луѓе имаат поминато дел од животот токму на тоа место. Сакавме да ги претставиме сите ликови кои поминуваат, а „зборуваме“ односно твориме во наше име,  раскажувачот пак е замислен лик кој стои зад прозорците на ателјето и ја раскажува целата приказна на минувачите и консументите на Hard to explain, а тоа е бајката што беше нашата инспирација за колекцијата, велат Катерина и Марија.

За дополнителен театрален ефект,  дизајнерките како материјали за изработка освен свила, памук и кожа,  во креациите имаа вметнато и експериментални материјали како мрежа за комарци и хеклана жица, вешто облекувани и слоевито имплементирани во основата на уникатните и необични парчиња.

-Од креациите не доловивме посебно некој период туку се ставаат во рамката на бајковитиот дел каде што го имаме поголемиот раскош. Секогаш употребуваме природни материјали, а овој пат најзастапени беа свилата и памукот, а морам да споменам дека користевме многу експериментални материјали како што е мрежа за комарци, хеклана жица и уште неколку такви материјали кои ги прилагодивме да бидат носливи и можеби се некако заборавени во времето. Сите парчиња се посебни и секое носи посебна приказна, зашто претставуваат една целина. Од бои преовладуваат пастелните, металик  и земјените нијанси, беж, кафена, маслинеста, зелена и сива, небесно сина, а пак жолтата и виолетовата беа освежувањето од целосниот визуелитет, додава Марија.

Авангардниот пристап беше застапен и во аксесоарите што ги следеа парчињата облека, па така можевме да видиме масивни ѓердани, шапки и чанти изработени со препознатливи елементи и техники на двете дизајнерки. Задоволни дека времето се постави на нивна страна  и заврна откако заврши ревијата, Марија и Кате не се штедеа да ја споделат радоста со нас, дека имале голема среќа што дождот не ја разбрка публиката. Иако, преку дизајнот на колекцијата се обраќаа на помала целна група консументи, публиката пред ателјето на Hard to explain беше многубројна.

-Задоволни сме од организацијата на модниот викенд, немавме никакви проблеми и се течеше во најдобар ред. Се надевам дека добро ќе помине и продолжението од оваа колекција за есен-зима. Воопшто кога зборуваме за уметност мислам дека поголемиот дел не твори за да биде продаван, туку да се оддели оној дел од масата што треба колекцијата да ја доживее во вистинска смисла, вели Катерина.

Меѓу присутните новинари, пријатели, соработници и клиенти не пропуштија да присуствуваат ниту блогерите , кои се почесто ја даваат својата поддршка на македонскиот дизајн. Модната блогерка која стои зад модниот блог „Александрина везилка“, Александра Спасеска,  на ревијата носеше нивна креација во ретро стил.

-Ова беше одлично отворање на Модниот викенд. Мислам дека девојките од Hard to explain се надминаа, иако ја имав претходно видено колекцијата, парче по парче, на писта беше нешто посебно. Исто така и манекенките дадоа се од себе. Мислам дека ќе останат запаметени нивните чевли од оваа колекција. Исто така ми се допадна локацијата, целата нивна приказна се совпадна со амбиентот на Старата скопска чаршија. Исто така вечерва јас носам токму нивна креација која ја одбравме заеднички, според тоа што мене најмногу ми одговара и на мојот сензибилитет. Ја одбравме оваа креација бидејќи е во ретро дух, а и бојата е фантастична , вели Александра за Fashionel.

Вечерва со почеток во 20 часот во Музејот на ВМРО следува ревијата на модната куќа „Елена Лука“ која ќе ја претстави колекцијата за сезона пролет-лето 2014, насловена „Golden reins“

Објавено:
3 април 2014
Категорија: 
Колекции