Стефанија Насеска/ Le Brand/ Никола Петровски

7 мај 2013

Следејќи ја својата работа од претходните сезони, Стефанија Насеска и овојпат одлучи тематски да се насочи на детството. „Одлучив оваа колекција да биде инспирирана од циркусот што се забележува во боите и геометриските кроеви. Водечка е црно-белата комбинација, меѓутоа вметнати се други бои (како резеда-зелена, сина, жолто-зелена) за да ја развеселат целата колекција“, изјави Насеска која во новата колекција одлучи да креира и детски модели, како најава за наредна детска колекција.

 

Брендот „Le Brand“ на дизајнерката Лили Кадинска е инспирирана од чарлстон-стилот и 20-тите години од минатиот век што може да се забележи во моделите со спуштена половина во слоевите на карнери. Преовладуваат тегет бојата и светлите тонови, а впечатлив детаљ се светкавите ленти аплицирани на делови од облеката.

Колекцијата на Никола Петровски е наречена „Црвената линија“ и се состои од серија на фустани со шарени мотиви наменети за жени заводнички сигурни во себе и во својот изглед, жени кои зрачат со сексапилност и не се плашат да бидат сакани. „Главна модна инспирација ми е Азија, но се одлучив да го вметнам и она што се случуваше во уметноста во минатиот век. Колекцијата се состои главно од вечерни и коктел фустани, меѓутоа играв со боите, принтовите и со високите јаки кои се карактеристични во оваа колекција. Главен акцент е ставен на 60-тите и на 90-ти години, што може да се забележи во цветните, геометриските и апстрактните форми на самите модели“, изјави дизајнерот.

Објавено:
7 мај 2013
Категорија: 
Колекции