Стела Мекартни дефинитивно е лидер кога станува збор за одржливата мода, а како и во секоја претходна колекција, така и во оваа, таа смести парчиња направени од преработени материјали.

Така на пример, дел од парчињата во колекцијата прикажана на париската модна недела беа направени од преработени стари маици, дел од стари материјали што таа ги користела во претходните колекции, накитот беше од ластичиња за коса, обетките од спојувалки...

На пистата дизајнерката прикажа фантастични долги палта од разни материјали кои се совршени за комбинирање во овој преоден период. Можевме да видиме и плетени фустани со колоритни украси, стилски панталони со висок струк, но и лежерни фустани со етно принтови во предниот дел.

Овојпат, целата колекција и идејата на дизајнерката беа посветени на проект во Индонезија, каде се сечат огромен број дрва од дождовните шуми само за да се изработат материјали за парчиња облека.

Целата писта беше залепена со разни пораки посветена на оваа благородна цел на дизајнерката, со цел да се зачуваат тамошните шуми кои се живеалишта на прекрасни животни како орангутани, слонови, тигри...

Токму ваквата одржлива мода е во фокусот и на годинешниот настан на доделувањето на LVMH наградата каде сите 20 полуфиналисти работат со рециклирани материјали.

Во едно неодамнешно интервју за Вог, дизајнерката рече дека за да ја оствари нејзината цел потребни ѝ се уште колеги, а со оваа фантастична колекција таа дефинитивно им покажа дека навистина треба да ѝ се приклучат.

Објавено:
5 март 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
241 пати