Страствено фламенко со примеси од Сицилија на пистата на Долче и Габана во Милано!

22 септември 2014

Конечно вчера (недела) се случи долгоочекуваната ревија на неповторливите и секогаш фанстастични до совршенство Долче и Габана! Нивната ready to wear колекција чија презентација се случи во рамките на миланската модна недела, како и секогаш беше вистински десерт за сите уживатели на модата и празник за очите каков што никој друг не умее да приреди.

Целата инспирација на секогаш фасцинантните Доменико Долче и Стефано Габана се крие во влијанието што Шпанија го имала врз Сицилија во периодот помеѓу 1516 – тата и 1713 – тата година. Иако влијанието на Шпанија беше апсолутно видливо во целата нивна колекција, ниту Доменико не заборави да вметне примеси од неговата родна и единствена Сицилија, ниту пак Стефано заборави да му помогне со општите примеси од магичната Италија спакувани во неодоливи парчиња.

Во рамки на нивната ревија или пак големото финале со кое се затвори миланската модна недела, беа прикажани уникатни парчиња од црна и бела тантела на која беа извезени феноменални апликации од црвени ружи кои на неверојатен начин ја истакнаа неповторливата женска убавина и нејзината нежност и кревкост.

 

Особено фасцинанти беа сите детали што беа дел од колекцијата на Долче и Габана почнувајќи од свежите рози во косата на моделите, па се до шик чантите во кои можеа да се видат мини верзии од манекенките.

 

Во друг момент, Доменико и Стефано ја прикажаа жената како силен матадор облечена во уникатно скроени куси палта во шпански стил комбинирани со неодоливи, извезени цветни куси панталони со висок струк.

Покрај шармантните црвени куси панталони украсени со најубавите скапоцени камења во единствени бои кои дуото ги комбинираше со црни маички и бели кошули, едни од парчињата што оставија без здив дефинитивно беа и тантелните фустани со рози, но и неодоливите наметки во јака црвена боја кои беа како измислени за долгите свежи вечери на Сицилија.

Што се однесува до палетата на боите, овојпат пистата во Милано беше исполнета со јака црвена, црна, бела и по малку од нивната омилена – златната!

Шминката и фризурата кај девојките беше едноставна – нагласени темно црвени сочни усни и коси собрани во едноставни пунџи украсени со круни и најубавите свежи рози од топлите краеви на Италија. Сосема на крајот од нивното модно шоу, се случи неверојатен и уникатен момент кога сите девојки излегоа на пистата облечени во прекрасните црвени панталони и бели кошули, предводени од актуелната Кендал Џенер и феноменалните Доменико и Стефано!

Покрај восхитувачкото финале на Долче и Габана, дел од вчерашниот последен ден од миланската модна недела беа и ревиите на Марни, Салваторе Ферагамо и Трусарди.

Дел од колекцијата на Салваторе Ферагамо беа парчиња со видливо влијание од 70 – тите, прикажано преку сосема едноставни и чисти линии на здолништа, плисирани фустани, одлично скроени палта, кожени фустани на преклоп со змиски принт и ремен на средината, но и одлични црни светкави и лелеави фустани и здолништа во комбинација со одлични кожени куси јакни.

Одличните Трусарди овојпат прикажаа вистинска палета од фантастични бои во кои апсолутно највпечатливи беа темно црвената, сината, белата и прекрасната кафена. Парчињата беа претежно кожени и варираа од најразлични форми на куси и долги палта, спортски тесни фустани, шик комбинезони од превртена кожа во сина боја, но и одлични долги и куси панталони.

Колекцијата на Марни се чини беше вистинско олицетворение на уникатна скромност со неутрална палета на бои која почна од чиста бела, па кон крајот се разви во вистински свежи принтови. На пистата можевме да видиме многу кимоно парчиња, интересни здолништа во А – крој комбинирани со астиметрични блузички и кошулки собрани со ремен на средината. Во колекцијата имаше и широки лежерни панталони во комбинација со палта со принт и спортски долги блузички и кошулки.

Објавено:
22 септември 2014
Категорија: 
Колекции