Структура и форма – носечки принципи во новата колекција на Роксанда Илинчиќ

19 септември 2017

Со оглед на тоа дека етаблираната дизајнерка Роксандра Илинчиќ студираше архитектура во својата родна Србија, пред да се запише на престижниот „Сент Мартинс" во Лондон, видливо е влијанието на оваа уметност во нејзиниот дизајн.

Структурата и формата се фундаментот во нејзиното креирање, а скулптурните форми во една помека и понежна линија, беа основата и на нејзината нова колекција која ја презентираше во рамките на Модната недела во Лондон.

Дизајнерката го посочи Рускиот Конструктивизам како појдовна инспирација во создавањето на оваа линија иако е испреплетено влијанието на повеќе движења и уметнички правци и периоди.

Силуетите се лежерни, здолништата се широки, а особено вниманието е насочено на ракавите кои се предимензионирани, долги или „бумбарести".

Во неколку наврати Илинчиќ направила и интересен спој на макси фустани облечени врз панталони, што може исто така да се извлече како тренд за идното лето.

Колекцијата се отвора со земјена палета на бои, но продолжува со интензивен колорит што впрочем е и препознатлив за колекциите на Роксанда.

Фото извор: Yannis Vlamos / Indigital.tv / Vogue.com

 

Објавено:
19 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
300 пати