Светскиот бренд Kenzo за новата колекција се инспирираше од нашата „Медена земја“

1 октомври 2020

Колку е силна и моќна пораката што ја испрати Атиџе во „Медена земја" се потврди во многу наврати, а овојпат и во модна смисла.

Светски познатата модна етикета Kenzo за својата нова колекција наменета за сезоната пролет-лето 2021 година, а презентирана во рамките на модната недела во Париз, се инспирираше токму од македонскиот документарец на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Медена земја" номиниран во две категории за најпрестижната филмска награда Оскар.

Централно место во колекцијата заземаат дизајните инспирирани од оделата на пчеларите, за што креативниот директор, португалскиот дизајнер Оливеира Баптиста ќе посочи дека директна инспирација ќе пронајде во македонскиот документарен филм „Медена земја" и неговата главна протагонистка Атиџе, пренесува престижниот Vogue, додавајќи дека најсуштинската порака што ја испраќа филмот „половина за мене, половина за вас", е истовремено и најчовечката емоција која оставила голем впечаток кај него.

„Тоа е една од најстарите форми на комуникација меѓу човекот и природата", вели дизајнерот објаснувајќи дека сликата за пчеларот му се појавила во момент во кој човештвото се „договара" со еко-системот.
„Сакав да искажам нешто и да дадам акцент на кревкоста на ситуацијата во која се наоѓаме. Секој во оваа ситуација се осврнува на ниво на вознемиреност и страв, наместо да гледа повисоко, да сонуваме за оптимизам и за иднина и да се вратиме на нештата што ни недостасуваа", додава дизајнерот кој во колекцијата става фокус и на одржливоста, користејќи рециклирана пластика во дизајнот на своите модели.

Вистинска поента во вистинско време. Мода со порака, а и уште едно големо признание за етиката и значењето на „Медена земја“ во време кога враќањето кон основните човечки вредности е клучно.

Објавено:
1 октомври 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.396 пати