Свежи бои и романтична елеганција го одбележаа почетокот на модната недела во Лондон

15 септември 2014

И додека модната недела во Њујорк ја заокруживме со едноставни и класично – спортски модели во потемни бои, иако дождлив, Лондон изненади со свежината на боите и романтичните модели што дизајнерите ги прикажаа на пистата изминатите три дена во рамки на тамошната модна недела. На првиот ден, речиси и да немаше многу звучни имиња од светот на модната индустрија, но затоа, изминатиот викенд помина во знакот на многу познати дизајнери, модели од А – листата, но и многу имиња од светот на шоу – бизнисот во своите најдобри изданија.

Кристофер Ребурн

Дел од првиот ден на модната недела во Лондон беше и онаа на Кристофер Ребурн, која помина во знакот на едноставните и кул парчиња за урбаните „стрит“ девојки. Дизајнерот прикажа креации чии бои се движеа од бледо зелена, па сѐ до прекрасна розова. Скоро сите модели беа вистинско олицетворение на спортски, младешки дух со совршена доза на женственост. Како што и самиот дизајнер кажа, инспирацијата ја пронашол кај веќе непостоечката авијација сместена во пустините на Аризона, од каде всушност и доаѓаат сите бои кај моделите. Дел од неговиот опус беа едноставните спортски фустани во сосема прав крој, од кои особено се издвоија оние во темно зелена боја, иако истите малку потсетуваа на оние во стилот на Балман. Остатокот од колекцијата беа мини здолништа, но и куси панталони до колената во комбинација со лежерни, широки, понекогаш транспарентни, спортски блузи.

Џулиен Мекдоналд

Велшанецот Џулиен Мекдоналд собра огромен број поени кај неговите обожавателки со последната, неверојатно романтична колекција што ја прикажа на модната недела во Лондон. Совршените фустани до колена кои на особен начин ја истакнуваа убавината на женското тело, покриени со неверојатни форми на тантела и тул со одлични везови, беа вистински празник за очите за сите присутни. Неговото шоу беше вистинска одлика на она што значи елегантен гламур преточен во неверојатно добри тесни фустани до колената, но и куси и долги венчални, совршени за идните, уникатни невести. Боите и кај него беа неверојатно свежи, почнувајќи од класичната и омилена бела, па сѐ до прекрасната сина, нежно сивата и црвените и розови моменти кај везовите.

Маркеза

Славејќи ја 10 – годишнината од постоењето на модната куќа, неповторливите Џорџина Чапман и Карен Крег, импресивните Џорџина Чапман и Карен Крег, на пистата во Лондон прикажаа навистина јубилејна колекција! Речиси сите модели се движеа во бохо „mood“, прикажувајќи ја нежната страна на секоја романтична жена. Ревијата ја отвори прекрасната Џорџија Меј Џегер која носеше прекрасен долг широк фустан со магични цветни везови и секси транспарентни делови. Креациите беа изработени од нежни и бајковити деликатни материјали, претворени во долги лелеави бохо фустани со многу цветови во свежи и романтични бои и кај дел од нив, актуелните и модерни реси. Кај некои од креациите, на шармантен начин беше вметната тантелата, тулот, интересните форми на цветови аплицирани рачно на материјалот, за сето тоа да биде заокружено во една навистина импресивна бајка на дизајнерките.

Метју Вилијамсон

Одличниот и секогаш романтично расположен, Метју Вилијамсон, и овој пат прикажа одлични форми на релаксиран гламур преточен во многу лелеави колоритни креации на пистата. Со неговиот избор, тој дефинитивно го разбуди неодоливото чувство за долго, топло лето кај сите присутни, преку неговите совршени креации кои беа како создадени за топлите романтични вечери. Како и кај Маркеза, и Вилијамсон прикажа многу цветна тантела, фустани со шармантни принтови, неверојатна свила, многу светкави моменти кај тесните фустани, но и прекрасно аплицирани пердуви за возбудлива сезона. Палетата на бои беше инспирирана од летните денови и вечери, почнувајќи од темно сина, јака црвена, жолта и деликатно светкава прекрасна розова прикажана преку женствен костим во комбинација со секси деколтирана тесна блузичка.

Темперли Лондон

Британската дизајнерка Алис Темперли прикажа сосема освежена колекција за која многумина посочија дека е вистинскиот правец во кој таа треба да се движи понатаму. Нејзината можеби беше и една од најзабележителните колекции изминатите неколку дена во Лондон. Таа прикажа креации буквално за сечиј вкус и пригоди, почнувајќи од лежерни, лелеави панталони комбинирани со бохо кошули со одличен принт и долги елечиња, па се до куси здолништа во А – крој во неодоливи летни бои. Веднаш потоа, таа прикажа како треба да изгледа една урбана и шик девојка за вечерните прилики во текот на летната сезона, со нејзините одлични куси фустанчиња со импресивен вез, но и со долгите секси црни тоалети. Скоро сите модели беа комбинирани со тренди патичиња создадени од дизајнерката, кои одлично се вклопија во нејзината, и онака, одлична замисла за новата колекција.

Топшоп Јуник

Ревијата на Топшоп дефинитивно беше онаа на која се појавија најпознатите и најактуелни манекенки во моментов. Ревијата ја отвори, нормално, Британката Кара Делевињ која ја почна низата на спортско – елегантни модели што брендот ги предлага за следната сезона. Дел од колекцијата беа удобни куси здолништа и панталончиња во ведри бои комбинирани со спортски горни делови, од кои повеќето беа со тренди пруги. Сосема на крајот, беа прикажани и неверојатно раскошно извезени куси фустанчиња во златна боја, а боите во целата колекција се движеа од нежна бела, па сѐ до темно црвена и црна.

Вивијан Вествуд

Бизнис жена, пират, хероина од филмско платно или пак едноставно софистицирана модерна дама на денешницата – Вивијан Вествуд нуди од сѐ по нешто за следната пролетна сезона. Очигледната порака што дизајнерката сакаше да ја следи е дека секоја жена ја има сета слобода на светот за да биде она што сака. Моќната дизајнерка ревијата ја отвори со серија женствени, ретро костими, па продолжи со куси панталони со висок струк, комбинирани со тантелни романтични блузички со прерамки. Како се движеше текот на ревијата, присутните можеа да видат тесни цветни фустанчиња до колената, што соврешно ги истакнуваа сите убавини на женското тело. Голем дел од моделите беа комбинирани со интересни шапки, а кај повеќето манекенки можевме да видиме помалку бизарна шминка и одредени пораки напишани на нивните чела.

Мери Катранзу

Секогаш одличната Мери Катранзу, овој пат ревијата ја почна со малку поразлични, едноставни модели. Дел од колекцијата беа раскошни свилени панталони во комбинација со елегантни лелеави кошули и долги елечиња, фалтирани долги фустани во нежни бои, за потоа да продолжи во стилот на Валентино – куси цветни фустанчиња со школски јаки и долги ракави. Иако истите беа навистина импресивни со оглед на неверојатните и раскошни апликации, тие неверојатно потсетуваа на она што Валентино го правеше пред некоја сезона. Ревијата таа ја заврши со вечерни долги тоалети, транспарентни во долниот дел и цветни во делот кај градите.

Објавено:
15 септември 2014
Категорија: 
Колекции