Темната страна на денешницата во белиот едиторијал на Роберт Ивановски

16 јули 2014

Препознатлив по ексцентричноста и мистиката, Роберт Ивановски секогаш знае да изненади со нешто уникатно и специфично како по својата форма и изработка, така и со идејната основа по која се води во реализацијата на својата цел.

Колекцијата „Wounded“(Ранети) е вистинско освежување во сивито на младиот дизајнер поради изборот на бојата, но и миксот на футуристички парчиња кои се вклопуваат со идејата за претставување на последиците од војната во денешно време. Наместо доминантната црна боја, дизајнерот темната страна на денешницата ја претстави со контрасната бела боја. Колекцијата е составена од носливи парчиња во бела и црвена боја изработени со посебна техника, која всушност симболизира крв, а како материјали користени се памучните материјали, еко кожата и жоржетот.

„Воените злосторства, неправдата, болката, ранливоста и насилството врз беспомошните луѓе ја создадоа сликата за оваа колекција. Спротивно од моите минати колекции каде црната боја е доминанта, овој пат се одлучив за белата, со која сакав да ја потенцирам невиноста на луѓето и чистината на децата кои најмногу страдаат во овој избезумен возрасен свет. Фотосесијата ја работев со Ани и Дими кои секогаш точно знаат што сакам и секогаш ги надминуваат моите барања. Имаме одлична соработката, лесно се разбираме и за многу брзо имаме решение. Така било претходно, така беше и сега. Презадоволен сум од нивната професионалност, креативност и визија. Воодушевен сум од професионалноста и истрајноста на убавата Ангела, која совршено се вклопи во целата приказна и одлично се снајде и во улога на момче. Исто така презадоволен сум и од шмниката за која се погрижи Ана Ристова“ - изјави Роберт. Во продолжение погледнете ги фотографиите од едиторијалот за колекцијата „Wounded“(Ранети) .

Фотографија: Ани Дими

Модел: Ангела Акка Блажева

Шминка: Ана Ристова

Објавено:
16 јули 2014
Категорија: 
Колекции