Трет ден Моден викенд Скопје

3 април 2017

По три дена и тринаесет модни ревии, вчеравечер заврши петнаесеттиот Моден викенд Скопје кој се одржуваше во салонот „Порше Македонија“. 

Последната вечер од тридевниот моден настан за сезоната пролет-лето 2017 година, ја отвори „Walone fashion group“ со колекцијата „Plumes et Perles“ инспирирана од убавината на пердувите и бисерите дополнета со рачно изработени детали. Станува збор за екстравагантни креации во розoви, бели и златни нијанси. 

Веднаш потоа со своја ревија се претстави брендот за чевли и чанти „Paolo Bocelli“ од каде презентираа модели со динамичен стил и дизајн според последните модни тенденции. Најновата колекција е достапна во продажните салони во Скопје, Тетово, Битола, Гевгелија и Охрид. 

За прв пат на Модниот викенд Скопје вчеравечер можевме да ја видиме и младата дизајнерка Сара Реџиќ која на публиката ѝ ја претстави колекцијата „Spring Fairy“. 

„Инспирација пронаоѓам во сѐ што ме опкружува, во самата работа всушност. Секоја убава приказна знае да биде инспиративна. Пролетта како едно од најубавите годишни времиња е една убава приказна каде што со природата некогаш и ние цветаме“, вели за својата колекција Реџиќ. 

Дел од нејзината колекција беа шармантни пролетни креации украсени со интересни везови, детали и многу цвеќиња. Таа претстави лелеави фустанчиња со цветен принт, потоа комбинации со палта со везени детали во предниот дел, но и интересни парчиња од тантела комбинирани со едноставни црни здолништа и палта. 

Сосема за крај на 15 – тото јубилејно издание на Моден викенд Скопје, публиката имаше можност да ги види тројцата избрани финалисти од неодамнешниот натпревар „Fashion Scout SEE“ меѓу кои и Victor Kaiser со модни парчиња кои се трансформираат, Shaleva Couture со колекцијата „Alice“ за есен-зима 2017/2018 и Ана Марија со колекцијата 1WOMAN – “Throw me to the wolves and I will return leading the pack.” 

Имено, станува збор за капсулни колекции кои на 28 март годинава беа презентирани на модната недела во Белград, заедно со финалистите од Србија, Словенија и Хрватска. 

„Теа Модерна“ како еден од медиумските покровители на настанот за најдобар дизајнер на петнаесеттиот Моден викенд Скопје ја одбра Силвија Михајловска која твори под етикетата „Alshar by Silvija Miha“ а за најдобра манекенка Горјана Кулишевска од модната агенција „Моделс Ин“.

Објавено:
3 април 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
415 пати